Со разни акции ќе ставам точка на загадувањето

Го прашавме познатиот музичар Мишко КРСТЕВСКИ кои три работи прво би ги направил ако е градоначалник на Скопје. Еве ги неговите приоритети:

1. Грижа за оние кои се борат за егзистенција
– Во градот има многу лица на кои им е потребна помош. Доволно е само да се излезе на улица и ќе видиме колку луѓе питаат, колку бараат некаква помош. Не е доволно само да им се дава некаква месечна парична помош туку треба и нешто повеќе. Јас би направил цел систем за помош на социјално загрозени и бездомни лица почнувајќи со нивна евиденција па се до изградба на објект во кој би можеле постојано да престојуваат. Кога ќе видат дека некој се грижи за нив сигурен сум дека и тие полека ќе соберат сили и ќе си самопомогнат.
2. Точка на загадувањето
Секоја зима ни се повторува истата ситуација со загадувањето. Градските татковци мора да бидат поодлучни во справувањето со овој проблем. Треба да се даваат субвенции за чистење оџаци, за набавка на велосипеди, печки на пелети… Но треба и да се биде поодлучен па да се обележат возилата кои најмногу загадуваат, градилиштата да имаат обврска да прскаат со вода површини од кои може да се крева прашина, да се уредуваат површини те кои се соголени. Ова е голем проблем, но ако не се преземаат многу активности секоја година ќе имаме проблеми.
3. Стопирање на градење во шпицевите
Многу од гужвите во сообраќајот се должат и на фактот дека во периодот на утринските и попладневните шпицеви се вршат одредени интервенции, токму на најфреквентните сообраќајници. Ако веќе е неизбежно на нив да се вршат одреде -ни градежни зафати можно е тие зафати да се стопираат во периодот на шпицевите. Со тоа, колку – толку сообраќајот нема да се попречува туку ќе оди побрзо. Паузата подоцна лесно ќе се надомести.