Ако никнуваат висококатници, Скопје ќе стане милионски град кој ќе се самозагуши

Скопје се гуши во магли, ама се гуши и од самото себе, од пренаселеноста, збиеноста на зградите… И баш во такви моменти, стана актуелно дека во градот ќе никнуваат нови висококатници, од дури 60 спратови.
Неизвесноста околу тоа што ќе се гради на паркингот спроти ГТЦ се уште трае. Во општина Центар каде сега се прави ревизија и на овој ДУП кој таму предвидел три 60-катници се уште без конечен одговор. Нејзиниот градоначалник само е категоричен дека таму нема да има толку високи згради. Дали ќе има нешто помали, не се изјаснува. Во меѓувреме, тргнаа повеќе граѓански иницијативи: за референдум, за интернационален конкурс, за парк, за плоштад… Но, една важна работа како сите да ја забораваат: дека градењето на нови згради и на овој централен градски простор ќе се стимулира доселувањето во градот од внатрешноста! Само во три шеесеткатници би можеле да донесат неколку илјади нови жители. Новиот комплекс кај Стара железничка станица исто толку. Илјадници нови жители веќе ги донесоа новите згради во Аеродром, Ново Лисиче, Карпош, Кисела Вода… Практично, градот кој веќе има слаба инфраструктура, ќе мора да стане милионски град.
– На Скопје не само што не му се потребни вакви висококатници, туку не му се потребни никакви згради повеќе. Скопје требаше одамна да стане град како Љубљана и да не дава жителство на луѓето кои се доселуваат од другите градови. Сега направената штета со прекумерното населување не знам како би се намалила. Кога би можела би ставила долгорочен мораториум за градба во Скопје, забрана за издавање на жителство, а следните 10-тина години би се посветила само на зголемување на зелените површини во градот и на Водно, потенцира скопјанката Ксенија Јанева-Николова.
Веќе со години просекот на ново доселени лица во градот се движи околу три илјади. На секои десет години во Скопје се преселува еден град голем како, на пример, Гевгелија. Најголемиот дел од новите жители си купуваат станови во ново направените згради кои добиваат и имиња по потеклото на новите станари: „беровчанка“, „прилепчанка“, „струмичанка“…
– Ако сега на подрачјето на главниот град живеат околу 35 проценти од сето население на Македонија, за кусо време тој процент ќе биде 40-50 отсто. Неприфатливо е во центар да се градат 60 – катници со кои уште повеќе ќе се зголеми бројот на населението со сите гужви со автомобили, со паркирањето, снабдувањето, кое ќе предизвика хаос. Нам ни треба регионален развој на околните градови за да се спречи доселувањето во Скопје, смета Дончо Герасимовски, демографски експерт.
Апсурдот да биде поголем нови висококатници и други големи згради се прават во ситуација кога во градот се уште стојат непродадени неколку илјади веќе направени станови.

– Сето ова ќе ни се врати како бумеранг еден ден. Сега никој не размислува за последиците. Секако дека на Скопје не му се потребни висококатници во кои ќе се доселуваат нови жители. На градот му се потребни паркови и зеленило. Не знам ни како земјата издржува толку многу згради кога Вардарската долина е најтрусно подрачје, вели Тифани Стезовска.
„Скопско ехо“ веќе пишуваше дека стимулот за доселувањето во градот доаѓа и преку мошне лесни услови за добивање на скопско жителство. За да се добие скопска лична карта главен услов е само некој да има пријавено живеалиште во градот. Доказ за тоа може да биде и само договор за изнајмување на стан под кирија!?
МН: Забрана за градба до корекција на плановите
И познатиот архитект Бранко Мандичевски е категорично против било каква градба на таа локација.
– Намерата е вон здравиот разум. Во централното градско подрачје, па и пошироко во скопските населби треба да се забрани градбата во догледно време, додека не се корегира генералниот и деталниот урбанистички план и донесе строга законска регулатива, изработена од професионалци, а не од политичари. Додека не се стави хаосот под контрола, Скопје привремено треба да се прогласи за “затворен” град. Овој урбан геноцид кој го прави градежната мафија, мора да престане веднаш, потенцира тој.
Поранешната претседателка на Асоцијација на македонски архитекти Даница Павловска, пак, повика на граѓански референдум за да се реши што да се прави на локацијата.
– Покрај референдумот, инвеститор би бил условен да распише интернационален конкурс каде би се вклучиле странски архитекти со цел да се избегне напластување на проекти кои не ги следат интернационалните трендови. Кај нас е проблем што не се почитуваат плановите, што немаме систем за нивно спроведување, предупредува таа.
Скопјанецот Димитар Савовски, пак, смета дека паркингот спроти ГТЦ, но и Ново Маало треба да се уредат бидејќи во моментот се најголемо ругло во градот.
– Треба да се гради на тој потег, а дали се потребни 60-катници тоа е друга тема. Посебно кога претседателката на Советот на Центар упорно се залага за намалување на катноста во веќе постојните или предлог ДУП-ови. Сигурен сум ниту градот ниту општината немаат доволно пари за откуп на земјиштето од приватните сопственици за парк. Убаво е да се има поголема понуда од побарувачка на пазарот па цените на становите да паѓаат. Неизградбата на згради нема да го сопре приливот на новодоселни во градот, причините за доселување се сосема поинакви, потенцира Савовски.
Скопјани, очигледно, на време предупредуваат што се може да се случи доколку не се води сметка за нивните интереси. Време за поправање на грешки во овој ДУП има, за разлика од повеќето други кои на свој начин овозможија интензивно доселување во градот. Заради тоа сега е време за одлуки кои ќе бидат добри за градот.

Иницијатива за потежок откуп на градежни парцели
Граѓанската иницијатива ЕкоКарпош 3,2,1 деновиве покрена граѓанска иницијатива за собирање потпици со цел да се смени законската одредба која овозможува стихијно градење.
– Сакаме да ја смениме одредбата со која државата треба да му продаде остатокот од парцелата на која некој сопственик веќе има повеќе од 30 проценти од нејзина површина. Тој процент треба да изнесува 80 проценти. Со тоа ќе се води поголема грижа за урбано зеленило и за хумано живеење, ни рече Билјана Ристоска, еден од иницијаторите.