Бедно е додворувањето на нашите телевизии на политичките партии

Никола КУЗЕЛОВ, актер од помлада генерација кој зад себе има забележителни остварувања, е целосно разочаран од она што се нуди на македонските мали екрани. Посебно од она што се прави како домашна продукција…

Што им препорачувате на скопјани да гледаат на телевизија?
– Би им препорачал да не гледаат телевизија. Живееме во интернет ера каде што секој може со еден клик да стаса до она што го интересира. Нема потреба некој да сервира пропаганда на малите екрани и да ги креира мислите и ставовите на широката маса. Телевизијата ја гледам како медиум кој контролира, а не кој информира. Луѓето треба да пробаат барем еден ден да се еднесуваат како телевизијата да не постои, да разговараат, да прочитаат некоја книга или на сопствен начин да си ја разбудат креативноста која телевизијата ја убива.

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат на ТВ екраните?
– Нашите телевизии се во натпревар на додворување на политичките партии. Тоа е толку провидно, бедно и монтипајтонско што мора да се избегне или да се прати со потсмев како забавна емисија. Домашна продукција едвај да има, а и таа што ја имаме дури и кога работи на културно забавна емисија или серија нема квалитет или е политички мотивирана. Кога увезуваат странска програма тоа е најчесто телевизиски отпад, ефтини емисии за дебили или серии кои се продаваат на кило.

Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?
– Луѓето се затруени со политика! Ни фалат домашни емисии за култура, спорт, документарни филмови, телевизиски квизови (ама вистински), хумористични емисии, детска едукативна програма, домашни филмови и серии. Всушност ни фалат многу работи кои би требало една цивилизирана и развиена земја да ги има во 21 век, но тука веќе се отвара друго прашање. Како актер и сценарист самиот работам во културно забавниот свет и од прва рака можам да кажам дека многу често темата одлучува пред квалитетот кога нешто треба финансиски да се поддржи и реализира. Ние сработивме независен игран филм кој се здоби со награди на фестивали надвор од Македонија, беше на репертоар во Cineplexx и низ други кина во поголемите Македонски градови, но кога тропнавме на вратите на нашите телевизии (притоа не барајќи никаква финансиска заработка) од секаде бевме одбиени.

Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?
– Да, дури и премногу! Понекогаш забораваме дека постојат и други градови и дека оваа држава не е само Скопје. Но мислам дека прашањето треба да гласи “како”, наместо “дали” за да стасаме до суштината. Слушаме и гледаме негативности од утринската програма до последните вести во денот. Позитива е она што недостасува!