Би давал редовен отчет на граѓаните каде се трошат нивните пари

Нашиот познат музичар Мики Јовановски – Џафер ни одговори на прашањето кои три работи би му биле приоритет ако тој е градоначалник на Скопје.

1. Годишни, месечни и неделни отчети
Граѓаните имаат целосно право, а градоначалникот голема обврска да информира за тоа како се трошат парите од градскиот буџет. Таа обврска досега не се исполнува како што треба и се се сведува во некакви „отчети“ пред изборите или на некакви куси и еднократни средби со малкумина граѓани. Јас би ја сменил таа пракса со давање на редовни неделни, месечни и годишни отчети за тоа каде и како се потрошени парите. На тој начин, во секој период граѓаните ќе знаат дали нешто е одговорно потрошено.

2. Стриктни рокови
Завршувањето на одредени проекти не може да трае бескрајно. Во пракса има започнати работи кои никако да завршат, а сето тоа создава големи проблеми во функционирањето на градот. Мојот пристап во работата би бил: тој и тој проект ќе се заврши во тој рок. И би се ангажирал целосно тој рок да се исполни. Само на тој начин може да се постигне динамика и на граѓаните што побрзо да им се решаваат проблемите.

3. Отстранување на опасни материи
Секојдневно дознаваме и се вчудоневидуваме за тоа колку и каде се имаме опасни материи на подрачјето на градот. Линданот од „Охис“ е само последен пример за тоа. Тој проблем, но и други опасни материи кои се складирани на повеќе локации, е голема опасност за граѓаните и треба да се реши. Тие депонии мора да се расчистат и отстранат и јас тоа би го ставил меѓу свои приоритети.