Би направил четири кули за прочистување на воздухот во Аеродром, Карпош и Центар

Го прашавме музичарот Јован ЈОВАНОВ кои се неговите три приоритети кои би ги решил ако е градоначалник на Скопје.

1. Билборди и ветерници за провев
Загаденоста на воздухот треба да биде најголем приоритет на градот на никој не мрда со прст на таа тема. Јас би повикал и странски експерти за да направат истражување и дадат предлози како да се прочисти воздух. Приоритет би ми била изградба на тнр. Кули за прочистување на воздух, кој се во облик на згради. Две во централно гратско подрачје, една во Аеродром и една во Карпош, за почеток. Понатаму, зелени билбордни на сите поголеми раскрсници за прочистување на воздух како и огромни ветерници за провев. Би пресадувал веќе пораснати дрва од околните планини на секое празно место во ценетралното градско подрачје со специјален булдожер. Во план би ми била и замена на сите градски автобуси со електрични автобуси, стимулација на граѓаните за купување електрични автомобили, преку ослободување на данок и царина на електрични автомобили, овозможување на сите паркинзи да има полначи за колите…

2. Пазари во затворени објекти
Би сакал да ги променам и отворените пазари. Кога ќе влезеш во Скопје од Автокоманда и тргнеш на кај центар поминувајќи покрај Бит-пазар се чувствуваш како да си во хаос. Отворените пазари во рок од 3 години треба да бидат конечно затворени, во уредна хала, чиста, климатизирана, со паркинг за достоинствено да можеш да одиш и да набавиш храна. Некои пазари би ја задржале локацијата а некои би биле дислоцирани во близина.

3. Каскадни брани на Вардар
Приоритет би ми биле и подземни контејнери за да не зјаат со целото ѓубре, чистење на тротоарите за нормално да се движат пешаци, забрана за давање на дозволи за градба на згради доколку немаат доволен број на паркинг места, изградба на каскади брани на реката Вардар за да се регулира нивото на реката поготово во центарското подрачје, зошто вака личи на пресушена бара. Хонорарно би ангажирал пензионери пред секое училиште на почеток на наставата, на крај и на големиот одмор да ги спроведуваат децата да прејдат улица и со знак „Стоп“ да го сопираат сообраќајот.