Би направила фабрика за рециклирање на отпад

Ја прашавме Викторија ЈАНАЧКОВИЌ, поранешната мис на Македонија, кои три работи би ги направила ако е градоначалник на Скопје.

1. Посебно менаџирање на отпад
Секојдневно гледаме какви се проблеми имаме со отпадот, со нехигиената во градот. Проиведуваме големи количества отпад кои, за среќа, се уште имаме каде да ги складираме на депонијата „Дрисла“. Но и таа ќе се пополни, а земјиштето таму ќе биде загадено со векови. Потребно е значи да се искористува тој отпад, да се рециклира и јас би направила фабрика за преработка на најразличен отпад. Кога тој повторно се искористува ќе настане и поголема побарувачка по отпадот. Ќе го „снема“ од улиците.

2. Адекватно згрижување на животните
Во градот имаме премногу кучиња-скитници кои се опасни по околината. Една работа што би ја направила е да спречи неконтролирано размножување, а втора- простоjан центар за згрижување. Во стационарот „Вардариште“ не постојат нормални услови и време е да се направи нешто пристојно. Многу бавно оди решавањето на овој проблем и јас би го забрзала.

3. Враќање на зеленилото
Скопје секогаш бил зелен град, град назеленило. Тоа повеќе го нема. Мора да се направат зелени појаси околу станбените објекти. Неприфатливо ми е да се градат толку големи згради, со мали паркинзи и никакво зеленило. Тоа не е хумано. Јас би инсистирала на тоа како што мора да се обезбедат паркинзите, тротоарите, така и да се обезбедат зелени појаси околу зградите. Ова првенствено важи за централното градско подрачје во кое мора да престане градење на големи објекти и целиот простор да се хуманизира по мерка на луѓето.