Би вовела мобилни екипи за казнување на секој кој фрла отпадоци

Ja прашавме поранешната мис на Македонија Андријана АЦЕСКА кои се нејзините три приоритети кои би ги решила ако е градоначалник на Скопје.

1. Намалување на загаденоста.
– Веќе влегуваме во период каде што загаденоста е преголема во нашиот град па не можам, а да не ја спомнам загаденоста на воздухот која е реален проблем кој што мора да ни е приоритет. Би почнала со задолжителни филтри како на фабриките така и со задолжителни дополнителни филтри за издувните гасови од возилата, забрана за секаков вид на градење во периодот на загаденост, субвенции од над 50 проценти за еколошки грејни тела за домаќинствата (А+++).

2. Чисти улици – чист град!
– Неспорно и тажно е колку ни е нечисто Скопје и да тоа не е од никој друг туку од нас самите. За решавање на овој проблем би презела мерки на казна и тоа за секој без исклучок. Би вработила мобилни екипи кој што ќе го казнат секој оној кој што ќе фрли смет надвор од местото определено за тоа, ако треба и камери ќе се постават. Казните нема да бидат симболични туку напротив да влијаат на семејниот буџет. Можеби оваа мерка нема да ме направи омилен градоначалник, но секако долгорочно ќе придонесе да живееме во чиста метропола.

3. Жиците од бандери да одат под земја
– Овој проблем во градот ме засега и лично, а за да се решни би направила се да нема повеќе жици по бандери. Сите кабли, сеедно дали се за телефони, струја, интерет… би ги ставила под земја, искрено, веќе на улицата каде што живеам смачено ми е да ги гледам сплетени како Спајдермен мрежи. Значи, секаде, баш секаде, во секоја општина ќе бидат под земја, а на бандерите ќе има само улични светилки.