Да се врати сјајот на центарот на Скопје

Центарот на Скопје е сосема запуштен и заборавен од надлежните. Во центарот нема никаква активност. Како прво би го потенцирал Кејот 13-ти Ноември по целата негова должина од мостот Мајка Тереза до Градскиот парк, кој е заборавен и запуштен. Во делот пред
ГТЦ, Кејот беше претворен во сообраќајница за време на градењето на Т-мобаиле, трите галии и мостовите.Бидејќи надлежните заборавија дека овој дел беше пешачка зона, по инерција до денес остана сообраќајница и паркиралиште , а како последица на тоа целиот плочник е уништен. Затоа е потребно итна забрана на пристап на возила и реконструкција на целиот Кеј, со содржини како што заслужува најубавиот и најпосетен дел на градот со цел да им се врати на пешаците. Лоритото на Вардар, лево и десно од Камениот мост е ругло на градот, со многу ѓубре, гранки, закачени на темелите за панорамското тркало, фонтани, галии. Сопствениците на угостителските објекти, со оглед на фактот дека се лоцирани во нај ексклузивната зона, треба да се задолжат да водат сметка за изгледот, уредувањето и хигиената на терасите кои се составен дел на Кејот. Втор голем проблем се многуте започнати и стопирани градби кои со години наназад се оградени со што се ограничи и отежна движењето на граѓаните, го загадуваат градот со прашина и го нагрдуваат и изгледот со парталовите заштитни платна. Крајно време е да се ослободи преодот до плоштадот од пшравецот Мајка Тереза, со пристојни широки патеки, како и шеталиштето и велосипедските патеки во второто корито на Вардар, кои поминуваат под мостовите. Трет проблем се искршените подлоги на патеките кои на места се обележани со знак за опасност, исушени цветни садници, празни жардинери кои служат како корпи за отпад, откорнати заштитни столбчиња, оштетени клупи, чешми кои не работат, паркирани возила на места резервирани за пешаци. Ваквата состојба е посебно изразена кај Арапска куќа и соседните улици, како и плоштадот кај црквата Св.Богородица, делумно на ул.Македонија, Паркот Жена Борец и плоштадот пред Стоун Бриџ. Четвртиот проблем, што може да се третира и како прв, се куцињата скитници, кои се редовни „жители“ на плоштадот Македонија и ги вознемируваат и напаѓаат граѓаните. Овие кучиња треба под итно да се сместат во стационар. Хигиената се подразбира,мора да биде на највисоко можно ниво.
Александар Тасевски

Почитувани,
Преку рубриката „СКОПЈЕ КОМЕНТИРА” можете да испратите пораки до скопските градоначалници за се она што мислите дека треба да го поправат, доправат, направат, исчистат… или пак да ги пофалите за нешто добро сработено. Сите ваши фотографии и краток коментар може да ни ги испратите на е­маил: skopskoeho @yahoo.com.Во зависност од просторот и соодветноста на пораките Редакцијата на „СКОПСКО ЕХО” поголемиот дел од нив ќе ги објави во весникот, а сите на порталот skopskoeho.mk.