Дел од забавните шоуа се навредливи за човековата интелегенција

Ивана НАСКОВА, радио и телевизиски водител, стендап забавувач, писателка, смета дека скопјани своето време треба да посветуваат само на оние содржини кои не им ја навредуваат интелигенцијата.

Што им препорачувате на скопјани да гледаат на ТВ?
– Дефинитивно не им препорачувам да гледаат турски серии, би сакала да им кажам и да намалат со гледањето толку на политички емисии. Но, за жал, само тоа се нуди на нашите телевизии. Сакам да им препорачам да ги гледаат сите оние македонски програми кои се снимени некаде во 90-те, тие секогаш ме потсетуваат на убави времиња и период кога телевизискиот простор зрачеше со квалитет и креативна програма.

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат на каналите?
– Се она што чуствувате дека ве вознемирува или ја навредувате вашата интелегенција е вредно за да се промени каналот. Почнувајќи од себе важно ми е она што го гледам на телевизија да биде информативно, едукативно и забавно. Не сакам турски серии од причина што сметам дека таквата програма не прави никаква услуга на развојот на вашиот мозок, не сакам политички програми затоа што не знаеме да ги искреираме, многу пати сум сведок кога така-наречената „дебата“ всушност е расправија и надвикување на двајца индивидуи пред камера. За дел од забавните шоуа не сакам ниту да коментирам, интелегентен човек не би си дозволил да го гледа тоа, тоа е навредливо за човековата интелегенција, од начинот на кој се води емисијата, до говорот што се користи во неа.

Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?
– На Скопје очајно му фалат емисии од типот „Врти сучи тоа ти е Скопје“. Ваков тип на телевизиски проекти е она што ќе и покаже на помладата генерација како беше некогаш, а постарата ќе ја наврати назад на едни убави спомени. Со тоа ќе се искреира и содржина за она што во моментов се случува во Скопје за да имаат и идните генерации од каде да дознаат за она што ние сега го живееме овде во главниот град на Македонија.

Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?
– Би направила емисија која нема да има за цел водителот да се испромовира и да стане познат, како што голем дел од водителите се водат кога влегуваат во овие води. Да ова е јавна професија, но нејзината главна цел не е ти да станеш „ѕвезда“ туку општеството да има некоја корист од тебе, да пренесеш некоја порака, да направиш некоја промена, да помогнеш на било каков начин. Емисија која едноставно ќе биде корисна за гледачите, може ќе ги засмева или едуцира но нема да не биде програма во која само ќе се шеткаат убави лица кои сакаат да станат само познати.