Дојдов од Шведска и со тимска игра високо го издигнавме македонскиот хокеј

Беше преубаво, а тоа што го доживеавме на Купот не може да се опише. Не е само радоста од тоа што освоивме прво место со што посебно се гордееме туку заради еден тимски дух кој владееше во нашата репрезентација. Таа заедничка желба да успееме, желба да и донесеме победа на нашата земја, таа подготвеност да дадеме се од себе и желба да одиме понатаму од ова е нешто што сите не направи да се гордееме што бевме учесници во успехот. Среќен сум што моето 14-годишно тренирање хокеј сега почнува да дава резултати, а јас ќе бидам секогаш подготвен да се борам за Македонија иако живеам далеку од неа… Вакви чувства ни пренесува 21-годишниот Самуел НАУМОВСКИ ВИЦКИУС, дел од хокеарската репрезентација на Македонија која минатата недела во Германија триумфираше во Купот за држави без хокеј арени во конкуренција на Португалија, Ирска и Андора. Саумел, инаку, живее во Шведска, во градот Јеншепинг, а македонско потекло има по неговата мајка, додека татко му е Швеѓанец. Уште додека бил дете немал дилеми околу тоа дали да почне да тренира хокеј.
– Мојата приказна со хокејот почна уште кога имав само седум години. Тогаш почнав да тренирам во клуб за деца на еден од најдобрите хокеарски тимови во Шведска кој се вика XB 71. Ниту еден друг спорт не доаѓаше предвид, знаете ли само колку хокејот е популарен во Шведска и колку овој спорт значи тука? До лани играв за една екипа која се вика Скилингарид и со која секоја недела имавме натпревари по региони со други сениорски екипи. Сега се префрлив во друг тим што ми е поблиску и натпреварите и тренинзите продолжуваат, ни објаснува Самуел.
Ни вели дека хокејот му се допаѓа што во текот на натпреварот играчот мора да е фокусиран и подготвен за реакција цело време, што играта е динамична со многу дуели, полна со пресврти, што бара брзи реакции…
– Јас играм на позиција на лево крило во нападот. А поканата да играм за македонската репрезентација ми дојде како големо задоволство и со тоа ептен се гордеам. Се надевам дека овој успех е само најава дека и во иднина ќе имаме нови. Ние сите ќе се трудиме и мислам дека го имаме тој важен квалитет, да делуваме тимски, да имаме наша игра и да го имаме победничкиот менталитет, потенцира овој наш хокејар.
Инаку, тој често доаѓа во Скопје каде ги посетува своите роднини и ужива во градот кој многу го сака и во кој има доста пријатели. Сето тоа гарантира дека неговите врски со Македонија и Скопје и натаму ќе бидат се посилни, а во што и хокејот ќе игра голема улога.

Ни треба арена за хокеј во Скопје
Самуел смета дека хокејот и во Македонија може да се развие во популарен спорт, како што тоа е случај во други земји.
– За тоа само треба да се имаат вистинските услови и храброст. Јас се надевам дека наскоро ќе биде направена арена за хокеј во Скопје која што би многу значела за овој спорт. Со тоа би се создале и условите да можеме да играме и официјални натпревари и да се бориме за квалификации за светско првенство, потенцира тој.