Доцна е веќе Скопје да се намалува, барем нека остане вакво

Марјан ЈОВАНОВСКИ, дел од познатата музичка група „Синтезис“, спаѓа во онаа група на скопјани кои престојувале во многу светски метрополи, но сепак и по се што видел, најубаво му е во родниот град…

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
– Тоа се многу, многу слики. Прво од населбата Припор каде што живеев и од која секој ден одев со мајка ми во основното училиште „29 Ноември“ во Тафталиџе, каде таа предаваше географија, а јас учев. Помислата на Скопје е поврзана со нешто убаво. Она што го чувствувате кога ќе го поминете речиси целиот свет, а на крајот најубаво ви е во својот град. Тоа е како чувство на алхемичарот кој цел живот бара нешто, а тоа нешто се наоѓа дома. Брзо сфатив дека тука ми е најубаво и дека тука ми е местото.

Кое Скопје го сакате повеќе: Ова сега или тоа од порано?
– И двете Скопјиња ги сакам многу. Не сакам негативно да се врзувам, на пример, за градби. Градот низ вековите бил различит. Во еден период се градело едно, во друг друго нешто и тоа било постојано менување на изгледот на градот. Сега, можеби до скора имало малку, а сега можеби има отповеќе некои објекти, но тоа мене не ми пречи. Она што мене најмногу ми пречи е тоа што и во градот навлезе духот на осаменоста, посебно музиката на осамениот човек. Но, и за тоа има отпор.

Што позитивно, а што негативно влијаеше врз Вас живеењето во Скопје?
– Се осмелувам да кажам дека на сите нас кои живееме тука, тоа живеење позитивно влијаело. Видов многу градови по светов и запознав многу луѓе на кои што живеењето во истите тие градови им влијаело вака или онака… Живеењето во Скопје нуди многу, на мене лично, многу позитивност. Особено кога ќе направам компарација со она што сум видел. Ние имавме убаво детство, тој маалски живот, тоа удирање чврги, праќање по цигари од постарите. И покрај сета отуѓеност, дигитални детства кои сега ги имаат нашите деца, тие сепак имаат многу повеќе детство од децата во другите градови во светот какви што сакаме да станеме.

Што му дадовте Вие на Скопје?
– Музичар сум, свирам со години со „Синтезис“, 28 години по скопските кафани, Секаде каде што сме настапувале со „Синтезис“ сме ја славеле македонската музика, Македонија, градот Скопје. Тоа не е мала работа. Не можам да не спомнам свирење македонска и друга музика по скопските кафани кои станаа дел од градската традиција. Бројните групи кои настануваат во изминативе години се живи пренесувачи на македонската традиција. Убаво е чувство кога ќе видите како граѓаните уживаат во тие песни кои се пееле во минатото и ќе се пеат и во иднината. Групите каако таа во која настапувам се живи пренесувачи на македонската музичка традицијата. Тоа е вредно нешто што му го даваме на градот. Бев среќен кога еден млад Французин, по посети на скопските кафани, ми рече дека вистинското боемство не е во Париз туку во Скопје.
Му дадов на Скопје и потомство, две деца, од кои очекувам да останат тука и да го дадат и тие својот дел на градот ..

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
– Касно е да го намалуваме сега, заради погрешната миграцијска политика на сите влади без исклучок до сега, е толкаво колку што е. Нека застане вака…

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
– Ништо не ми недостасува во Скопје. Звучи можеби чудно но така е. За оние луѓе кои се скромни во своите барања, кои од животот не бараат нерационални нешта, ова е токму таков град. Добро, ми недостасува чист воздух во градот околу што сите треба да се замислиме и да направиме да биде подобро. Во тој правец би одзел околу 100.000 автомобили што се движат по градските улици за да имаме почиста средина. Сакам да ги чуваме парковите, да се садат се повеќе нови дрва…

Со што најмногу се гордеете во Скопје?
– Со црквата „Света Троица“ во Маџир маало каде активно помагам, со манастирот „Свети Пантелејмон“ во Нерези, со „Свети Спас“ во Старата чаршија, со сето црковно наследство што го имаме. Ме радува тој подем што го има христијанството како религија во градот, унапредување на црковниот живот. Тоа долго време било потиснато а сега се возобновува.