Дури 635 вакцини имале декларации со погрешен рок

Досега се откриени вкупно 635 вакцини МРП на кои што биле залепени декларации со погрешен рок на траењe. На нив биле залепени декларациите од претходниот увоз кој го направил увозникот „Македонија лек“ и кој бил со важност до месец октомври 2018 година. Тие биле откриени во внатрешната контрола во здравствени домови во Крушево, Струга, Велес, Демир Хисар, Крива Паланка, Вевчани, Охрид и Скопје.

– Сите дози од МРП вакцината се со добар и проверен квалитет од реномираниот европски производител „Глаксо, Смит и Клајн“ од Белгија. Тоа го потврдува и фактот што на секоја кутија вакцина и на секое шишенце вакцина има т.н воден жиг на кој стои дека се со важност до мај 2019 година, односно јули 2019 година. Ова е единствената потврда дека сите вакцини се апсолутно безбедни и со важечки рок, потенцираат од Министерството за здравство.

Ваквата бројка на новооткриени вакцини со погрешен и истечен рок на траење впишан на декларацијата е значително поголем од првичната бројка од 67 пакувања на овие вакцини кои што се користат за заштита од морбили, рубеола и паротит. Претходно, и од компанијата –увозник „Македонија лек“ тврдеа дека само кај мал дел од пакувањата со вакцини се аплицирани стари декларации, со датумот од претходниот увоз. Меѓутоа, ваквите објаснувања не ја намалија вознемиреноста кај граѓаните.