Градоначалниците не смеат да станат сенилни, ветија домови и грижа за старите лица

Скопје нема проблем само со фактот дека младите заминуваат, туку и што нема кој да се грижи за старите. А населението во метрополава забрзано старее.
Постар скопјанец пронајден починат во својот стан откако соседите пријавиле дека со недели не излегувал надвор… Вакви случаи и вести има се почесто во градот, како резултат на фактот дека има се повеќе стари луѓе кои живеат сами и за кои нема кој да се грижи. Причините за тоа се различни: некој не создал семејство, за некои не се грижат децата кои живеат одвоено или се заминати во странство, трети немаат пари за да се сместат во дом ниту да ангажира друго лице да ги чува… А проблеми имаат и оние кои имаат брачен другар. И нив ги стасува староста, изнемоштеноста, болестите кои ги прават зависни од туѓа помош.
– Имам 83 години и тешко сум подвижна, па веќе неколку години не сум излегла од дома. Децата заради обврските не можат да се грижат за мене, а пари немаме доволно ниту за плаќањеме на некоја жена да живее со мене. Не знам што ќе биде натаму и кој ќе се грижи за мене. Секој ден станувам се понемоќна, ни се жали Вида Ѓорѓевска, пензионерка од скопската населба Аеродром.
Колку вакви случаи има во градот тешко е да се прецизира, но јасно е дека се многу. Тоа го покажала неодамнешната анкета на Црвениот крст и здружението „Хуманост“ од која произлегло дека речиси секое трето старо лице во земјава има потреба од домашна нега и помош. Петнаесетина проценти се најзагрозени, им треба најдиректна туѓа нега: да им се зготви храна, помош да се избањат, исперат алиштата, смени постелнина…
Ако се знае дека во градот има околу осумдесетина илјади пензионери тогаш е јасно дека со ваквите проблеми се соочуваат некаде околу десетина илјади наши сограѓани. Тоа е речиси еден цел просечен македонски град населен со стари луѓе на кои им е потребна грижа. А како таа да се даде, се чини, надлежните во градот се уште немаат одговор.
– Немам услови да се грижам за старите родители. Во државниот дом за стари лица нема место, а во приватните цената по човек е од 350 па до 700 евра. Жените што чуваат стари лица бараат по 100 денари од час, а за цел месец и по 20-30.000 денари. Ми треба некоја помош за нив, а јас не знам што да правам, вели Слободан Глигориевски од Центар.
Последниве години се зголеми бројот на приватните домови за стари лица во градот, но цена на престојот е значителна. Државните домови пак се само неколку, а цената е околу 15.000 денари. Сето тоа често е недостижно за пензионерите чија просечна пензија изнесува 13.800 денари. Излегува дека скопските пензионери и да ја дадат целата пензија пак нема да можат да си го платат месечниот престој во државните домови кои и ги нема доволно. Не треба да чуди и што капацитетите на приватните старски домови се исто така непополнети.
– Точно е дека на старите лица не им се големи пензиите, но тие си имаат имот, имаат станови, куќи, земја, автомобили. Со издавање на стан, со негова или евентуална продажба на друг имот тие би обезбедиле дополнителни средства за да плаќаат сместување и нега кај нас. Но, проблемот е што нивните деца си го сакаат имотот, плус земаат од пензиите и имотот на родителите, а ваму не можат да се грижат за нив, ни вели Соња Петковска управител на домот „Милица“.
Таа смета дека проблемот може да се реши и со тоа што државата, на пример, би ја субвенционирала разликата меѓу пензијата на старото лице и цената на престојот во приватниот старски дом.
Наспроти ова универзитетската професорка Сунчица Димитријоска од Институтот за социјална работа и социјална политика смета дека проблемот може да се реши на друг начин.
– Потребно е да развиеме сервиси за помош на стари лица во домашни услови. Обучени екипи да доаѓаат кај нив дома и да им помагаат во периодот во кој што е потребно, неколку па и повеќе часови. Тоа треба да го организираат општините, да направат такви центри со активирање на волонтери, невладнини организации кои би се грижеле за старите лица. Општините имаат законска обврска да го организираат, но тоа не го прават. Ваквите сервиси се поефтини за државата, а и старите лица сакаат да си се дома, а не во некој дом, нагласува Димитријоска.
Од десетте скопски општини само во една веќе две години работи социјален центар за помош на старите лица кој го организираат Црвен крст, невладината организација „Хуманост“ и општина Центар.

Ќе застарат и изборните ветувања за старски домови
Најголемиот дел од скопските градоначалници пред година дена бомбастично ветуваа дека ќе градат пензионеркси домови и центри за нивно дружење. Најамбициозен беше актуелниот градоначалник на Карпош Стефан Богоев кој во Злокуќани најави изградба на голем дом за нега на стари лица, со паркови за рекреација и слично. Во кампањата беше претставен и проект за ова, но тој и по една помината година се уште не почнал да се реализира.

Како проблемот го решава Германија?
Професорката Димитријоска потенцира дека локалните власти во западноевропските земји многу се ангажираат околу грижата за старите лица.
– Во Германија, на пример, само 2,2 проценти од старите лица живеат во специјализирани институции. За останатите се грижат локалните социјални сервиси кои ги посетуваат тие лица и им помагаат во секојдневието. Дејноста на овие центри што треба да најдат примена и кај нас се плаќа и од општинскиот буџет. И со нашиот Закон за локална самоуправа социјалните грижи треба да се плаќаат од општинска каса, објаснува таа.