И новиот протест покажа дека треба да има избори за да се разбистри политичката

Како и февруарскиот протест посветен на одбраната на уставното име на нашата држава, така и неделниот протест против уставните промени со кои ќе се избрише името Република Македонија покажа едно: силна волја на граѓаните да не се прифатат таквите промени. Присуството на повеќе илјади граѓани на студено и дожливо време, на кое само недостигаше уште снегот кој го имаше обилно на 27 февруари, одново потврди дека тие сметаат дека треба да се запре процесот за уставни измени и потрезвено да се разгледа ситуацијата во која е ставена Македонија. Големата бројка на протестанти добива уште повеќе на значење ако се знае дека никој не им делеше сендвичи или пак им нудеше вработување за да бидат пред парламентот.
– Исто како и на референдумот, и при протестите се виде дека државните институции се на различна страна од мнозинството на граѓани во Македонија. Затоа и треба да има избори и да се види најнепосредно, која политика Македонија ќе треба да ја води понатаму, децидна е скопјанката Роза С.
Од оваа причина и на неделниот протест граѓаните повторно порачаа дека институциите го губат легитимитетот и не можат да носат историски одлуки за нашата држава.
– Мнозинството во парламентот, а и Владата, тргнале по секоја цена да го донесат договорот. Не водат сметка за тоа што мислат и манифестираат граѓаните. Ако беше добар договорот, ќе поминеше на референдумот, но не е добар. Да беше добар немаше двапати да се протестира. Кога се институциите на различна страна од граѓаните тогаш се потребни нови избори, смета Љубен Иваноски од Карпош.
Барањето за нови парламентарни избори со претходната оставка на Владата и со распуштањето на парламентот беше едно од клучните на протестот. Заедно со поништување на договорот од Преспа, стопирање на уставните промени и барањето за трајна заштита на името на Македонија.
– Само со нови избори може да се добие легитимен парламент. А таков ни е потребен сега. Не може пратениците кои немаат легитимитет и кои сега се пазарат за се и сешто, да решаваат за така важна работа каква што е менувањето на нашиот Устав. Пратениците треба да ја изразуваат вољата на граѓаните, а не вољата на некои други центри, смета Јулијана Илиевска од Гази Баба.
Ќе има ли слух Владата на ваквите барања на граѓаните се уште не се знае. Но организаторите на протестот најавија дека ќе бидат настојчиви да ја потсетуваат дека е најдобро веднаш да има избори.

Народот се насобра и без ветувања за вработување
Големата бројка на протестанти пред Собранието добива уште повеќе на значење ако се знае дека никој не им делеше сендвичи или пак им нудеше вработување за да бидат пред парламентот. Досега и двете големи партии го правеа тоа, за да донесат луѓе на улица. Овој пат очигледно граѓаните имаа многу повисок мотив- Македонија.