И пак нема одговор, каде ќе се дисцлоцира Центарот за зависници од К. Вода

И вчера надлежните не им соопштија на жителите конкретно место каде ќе се дислоцира Центарот за зависници од општина Кисела Вода. Дали граѓаните ќе чекаат нов епилог или повторно ќе застанат на протести – е прашањето на кое се очекува одговор.
Последната информација по протестот на 3-ти декември, од страна на градоначалникот Филип Темелковски, беше префрлањето на топката во рацете на министерот Венко Филипче – дека оттаму треба да соопштат решение. А Филипче само повтори: биле во игра три локации. Не кажа кои, само дека брзо ќе се завршело.
-Имавме два концепта – едниот беше да се дисперзира тој центар низ повеќе амбуланти, меѓутоа имаше реакција и отпор, и од градоначалниците и од тие институции. Како што најавивме на средбата со граѓаните со градоначалникот Филип Темелковски пред две недели, ние активно работиме на тоа да најдеме објект. Има три објекти што се на периферија на Скопје. Сега гледаме дали тие можат соодветно да се адаптираат, реновираат, за да се даде малку поинаков тип здравствена услуга за тие зависниците, заради тоа што има нови модели на терапија, има нов пристап, не се вклучени само здравствени работници. Новиот објект треба да ги задоволи сите тие стандарди, да не биде само префрлање на центарот, туку и да можеме дополнително да ја зајакнеме услугата во смисла на квалитет, објасни Филипче.
Локациите, на број три, веднаш потсетуваат на локациите за изградба на клинички центар кои се исто толку на број, ама министерствотото уште одлучува и се размислува.
-Не може во населено место да има ваков центар за зависници, јас сум загрижен за син ми бидејќи има игли низ населбава, не сум против да се лечат, ама нека има објект на друго место, подалеку од населба, вели жител од Кисела Вода.
Сега жителите треба да се децидни дали остануваат да протестираат на улица или ќе чекаат нова средба на која ќе се надеваат на конкретна вест од градоначалникот.