И со ноќни патроли ги чуваме пастрмките во Треска и Вардар

Патроли составени од по неколкумина рибари деновиве постојано одат по бреговите на реките Треска и Вардар на скопското подрачје. Одат како преку цел ден така и во ноќните часови. Главно се работи за доброволци кои не се жалат што остануваат будни и по цели ноќи. Целта им е една: да ги сочуваaт пастрмките во овие реки кои што токму во овој период се размножуваат и се лесни мети на рибокрадците. Чуварите се од риболовното друштво „Рибар 2011“ кое што сега стопанисува со ова подрачје и на најдобар начин покажува како треба да се грижиме за одржување на рибниот фонд, но и за зачувувањето на овие реки кои што се симбол на градот Скопје.
– Објавена е целосна забрана за каков и да е риболов на Треска и ние се грижиме тоа да се почитува. Пастрмките сега се мрестат и испуштаат подмладок, најмногу токму во Треска оти водата е многу ладна, а тоа им одговара. Досега спречивме неколку рибокрадци кои се обидоа да ги ловат, ни вели Филип Серафимовиќ, секретар на ова риболовно друштво.
Во овој период пастрмките се мрестат дури и во плитките води до брегот, по што се многу исцрпени заради што лесно можат да бидат фатени. Освен ова, рибокрадците најчесто се служат со недозволени средства за ловење, со што нанесуваат огромна штета на рибниот фонд.
– До оваа година немаше концесионер врз овие реки, а сега сме ние и сакаме да покажеме како треба сите да се грижиме за овие води. Постои добар тренд на обнова на рибниот фонд во Треска, Вардар и во другите реки и тој треба да се продолжи. Во овој период риболовците на Вардар ако фатат некоја пастрмка треба да ја вратат во водата бидејќи во спротивно ќе бидат казнети, објаснува Серафимовиќ.
Ова друштво досега извршило и акција за порибување на реките при што во водите се пуштени околу 100 килограми рибен подмладок. Патролите и дежурствата кои ги прават сега се користат и за забележување на диви депонии кои несовесните граѓани ги направиле на бреговите на реките.
– Планираме да го исчистиме насобраниот отпад. Со тоа да се создадат добри услови за риболов на околу 1.350 наши членови, но и за околу 7.000 скопски риболовци, објаснуваат во ова скопско риболовно друштво.

Се појавуваат и пастрмки капиталци
Благодарение на грижливиот однос кон рибите во водите на Вардар и Треска има се повеќе пастрмки.
– Веќе се забележува дека има се повеќе пастрмки. Со изградбата на браната „Козјак“ водите на Треска и на Вардар станаа поладни и тоа им погодува на овие риби. Се забележува дека кленовите се повлекуваат а поприсутни стануваат пастрмките. Дури има и примероци – капиталци од 6-7 па и девет килограми, велат во РД Рибар 2011.