Иако не сум во Сеул, и во Скопје постигнувам видни резултати по математиката

Кога неговите родители во 2005 година дојдоа во Скопје, како прво семејство на Кореанци кое дошло во Македонија, тој веќе бил на патот да се роди. По неколку месеци, Андреј КАНГ стана и прв Кореанец кој се родил во Скопје. Сега, по 13 години, тој стана еден од најталентираните ученици со кои се гордеат како неговите најблиски така и во неговото училиште „Петар Поп Арсов“ каде оди во осмо одделение, во општина Карпош. Зад него стојат многу забележителни резултати кои што досега ги постигнал, посебно во областа на математиката. Тоа беше и причина што годинава беше прв на ранг-листата на учениците на кои општина Карпош во оваа учебна година ќе им дава стипендија од по 2.500 денари како стимул за унапредување на нивните таленти.
Андреј не крие дека е многу задоволен од тоа но и ветува дека во наредните години ќе се труди да постигне што подобри резултати.
– Посебно ги сакам математика и физика и тие ми се најомилени предмети. Уште како мало дете, кога имав само 3-4 години почнав да ги пишувам бројките од еден до десет и тоа ми беше многу интересно. Потоа кога тргнав на училиште математиката лесно ми одеше и се повеќе ме привлекуваше. Потоа дојдоа и натпреварите и убавите чувства кога ќе освојувате некоја награда, ни вели тој.
Први, втори трети места на општинските, регионалните натпревари по математика, како и на меѓународниот натпревар по математика „Кенгур“ досега се негови главни успеси во последниве неколку години. Но не е само математика негова главна преокупација. Тоа се странските јазиците кои му одат од рака. Прво, се разбира, го научил мајчиниот кореански јазик, а во градинката и во контактите со дадилката што го чувала го научил и македонскиот јазик. Сега оди на курсеви по англиски и германски јазик, а грчкиот јазик го учи сам дома, а учел и кинески јазик. Во еден период учел и да свири клавир во државното музичко училиште, но потоа се откажал. Наместо тоа новата музичка пасија ја најде во гитарата. Воедно тренира и фудбал.
– Многу сакам да играм фудбал и го играм во рамките на нашето основно училиште каде постои фудбалска екипа. Играме натпревари, се дружиме, сето тоа е многу убаво, ни вели овој талентиран ученик кој вечерните часови најчесто ги посветува на читањето на разни книги.
Сепак, Андреј не крие дека целта му е во иднина да и се посвети на математиката.
– Сакам да станам научник кој според веродостојни докази ќе открива мистерии во природата, објаснува тој.

Корејските ученици се мотивираат преку натпревари
Причината за доаѓањето на неговото семејство од Сеул во Скопје била водењето на бизнис од страна на неговиот татко, а мајката Петра сега предава корејски јазик на универзитетот „Светите Кирил и Методиј“.
– Ние сакаме да останеме трајно во Скопје во кое имаме доста пријатели и добро се прилагодивме. Во семејството имаме пет деца и сите збориме убаво македонски јазик. Тука ми се допаѓа што образовниот систем овозможува ефтино школување во државни уметнички училишта ,а што не е случај во Јужна Кореа. Од друга страна, позитивна страна на системот на образованието во моја земја е тоа што учениците се мотивираат преку натпревари и учат повеќе од учениците во Македонија. Тие посетуваат многу курсеви од различни области, ни вели Петра Канг.