Илјадниците тони отровен линдан од ОХИС се уште не демнат

Се сеќавате дека опасен, отровен линдан во илјадници тони од фабриката „ОХИС“ го демне Скопје. Така е со години. А, ако работите одеа како што беше најавено (последниот пат), во овој период веќе требаше да бидат започнати работите за деконтаминацијата на помалата депонија со 10.000 тони на опасниот линдан во кругот на поранешната фабрика. Но, обновата која се најавуваше дека ќе стартува се уште не е започната. На неа чека и втората, многу поопасната, депонија онаа на која има меѓу 35.000 – 40.000 линдан и други отровни изомери. Не се дозна ниту што покажаа детални анализи на водата, воздухот и на почвата на подрачјето на двете депониишто лани почна да ги прави странска компанија ангажирана преку донацијата од Глобалниот еколошки фонд. А веќе во јуни годинава мораше да се знае со каква технологија и која компанија ќе почне со нивното чистење.

Новите ветувања се дека тоа ќе биде во текот на „идната година“….

Нови и пролонгирани рокови, се чини, се единственото нешто што се поместува кога е во прашање решавањето на една од најопасните еколошки точки во градот. Тоа значи дека супстанцата која беше користена како отровен инсектицид и таму складирана со години и натаму е опасна по околината. Посебно ако отиде во подземните води и влезе во синџирот на исхраната. За тоа да се спречи, се планира препокривање на депониите за да дождовите веќе не можат да го испираат линданот кој е измешан со земјата со која бил покриван во бетонските базени. Тој процес доцни. До кога вака?