Информативните програми се токсични и полни со погрешни интерпретации

Иако повеќе години не е директно вклучена во радио и телевизиски проекти со кои стана препознатливо медиумско лице, Зорица ЦРНОШИЈА следи што се презентира на малите екрани…

Што им препорачувате на скопјани да гледаат на телевизија?
– Би им препорачала да гледаат мотивирачки и поттикнувачки содржини, нешто што ќе ги охрабри кон позитивни промени, ќе им влее верба и силен порив кон подобро и повеќе, за себе и за своите најмили. Би им порачала и да следат содржини што ќе ги научат на нови практики, ќе ги информираат или ќе ги забавуваат, и во најдобар случај ќе ги смират или опуштат.
Но, постои ли воопшто можност телевизиската понуда да се „спаси“ пред да стане неиздржлива мешавина на синхронизирани серии, трачеви, реалити и кулинарски шоуа, прекинати со купишта неселективно позиционирани промотивни пораки? Песимистички би рекла; тешко, многу тешко.

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат на ТВ екраните?
– Информативните програми или вестите се навистина токсични содржини, нешто што постојано вознемирува и носи чувство на нелагода, во ова и онака „прегреано“ општество во кое живееме. Дополнително, полни се со погрешни и непотполни интерпретации, лични видувања без критичка дистанца, наклонети коментари без 360 степени увид во нештата. Но искрено, состојбата со уредувачките политики не очекувам да се смени, никогаш. Во тој контекст тие и за 20 години ќе звучат исто, само полошо.

Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?
– По генијалната македонска документарна ТВ серија „Досие Скопје“ снимена во 2000 година, која беше култно креативно решение за хрониките на градот, немам гледано нешто со толкава живописност и вредност за Скопје. Таа серија се обраќаше директно во јадрото на културата и ја потврдуваше вредноста на локалната историја. Изработена мајсторски досетливо, луцидно и хумористично, таа носеше во себе несекојдневна леснотија со која ги опишуваше локалните карактеристики, приказни и ликови во еден толку земски и непосреден манир, што беше доволна причина не само да биде масовно прифатена, туку и добро запамтена. По неа, не паметам некој сличен, автентичен ТВ ракопис.

Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?
– Во последните 15 години телевизијата доживеа сериозен пресврт во однос на дигиталните медиуми, се смени и динамиката на интеракција со публиката и начинот на кои таа ги перцепира и ги доживува пораките. Меѓутоа, поради карактеристиките на локалното население, таа се уште е силен медиум. Кога одново би развивала некаква ТВ содржина, би се обидела да ја сензибилизирам јавноста со емисија која нема да содржи какво било насилство, подбивање или каков било неповолен третман кон поединци или групи. Емисија што би поттикнала на размислување, некаков прозорец кон светот, со информации и содржини што ќе откриваат концепти што не ги познаваме.