Избегнувајте го она што има цел да ве натера бесцелно да блеете во телевизор

Нашиот познат актер од помладата генерација Теоман МАКСУТ смета дека главата цел на телевизиските програми треба да биде поттикнување на гледачите на размислување за најразлични теми. За жал, таквата функција е целосно во сенка на шундот кој се повеќе го има на малите екрани.

Што им препорачувате на скопјани да гледаат на ТВ?
– Едукативни содржини. Документарни програми. Од било каков тип, што и да ги интересира. Нема потреба тоа да е квантна физика, молекуларна биологија, нека биде нешто што нив ги интересира и поттикнува на мислење, кога веќе мораат да гледаат телевизија. Се останато е само бесцелно трошење на време.
Живееме во услови на широко распространета малограѓанштина и малодушност. Оттаму, сѐ она што го збогатува духот, го храни интелектот, поттикнува размислување, е добредојдено, без разлика дали се работи за добар игран филм, документарен филм, квалитетни едукативни содржини, директно насочени кон еволуција на свеста.

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат на екраните?
– Шунд. ТВ-шунд со кој се преплавени, не само, домашните тв канали. Задолжително избегнување програми наменети за масовно затупување и оглупавување! А тие се лесни за препознавање. Сѐ она што не нуди естетски квалитет, емотивна тежина и не бара рационална вклученост, туку само цели да ви го задржи вниманието преку активирање на најосновните и напримитивните нагони, додека бесцелно блеете во телевизорот – е за избегнување!

Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?
– Веројатно не. Скопје е полно со урбани приказни, со трагедии, приказни со среќни краеви… Колку од нив знаеме? Колку таквите приказни можеме да ги најдеме во медиумите? Скопје не е само “Скопје 2014”, урбицидот кој системски над 30 години му се спроведува или само збирштина на малодушници. Скопје е многу повеќе од тоа, Скопје има еден куп свои убави приказни. Едноставни, “мали”, човечки приказни. Скопје има своја душа, која е време да ја запознаеме.

Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?
– Содржина која поттикнува на самостојно размислување. Секоја тема може да се постави на таков начин. Емисија која нуди содржински квалитет, висока и објективна информираност и која дава простор и поттик за сопствено размислување и носење заклучоци. Ете, тоа е едукативна програма.