Кој верува дека Македонија сега ќе нема проблеми со Грција за прием во ЕУ?

Политичарите од власта последнава недела нон-стоп повторуваат дека откако е сменето државното име сите врати се отворени кон НАТО и ЕУ. Со тоа, според нив, се отварале и многуте добри перспективи за земјата и граѓаните. Но дали е така? Дали Македонија направи вистински чекор и сега сите соседи и ни се пријатели, а не кочничари?
– Мислам дека и на Заев и Димитров им е јасно дека Македонија допрва ќе има проблеми со Грција и со другите соседи. Власта покажа дека може да попушти на секаков притисок и сега секој ќе сака да ни одземе по нешто, дециден е скопјанецот Трајан Јордановски.
Нашиот соговорник сето ова го поткрепува со веќе започнатото однесување на грчката опозиција. Опозицијата во Атина вели дека ќе го искористи правото на вето за интеграција на Македонија во ЕУ. А судејќи според анкетите, токму опозицијата има големи шанси да состави нова грчка влада, а со тоа и да почне да прави пречки на нашата земја во ЕУ интеграциите. Всушност, тоа веќе и ни го најавуваат и од соседната Бугарија. Бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов уште во декември ни порача дека неговата земја нема да гласа за наш прием во НАТО ако не се откажеме од „фалсификувањето на историјата“. Истото го порача и нивниот европратеник Андреј Ковачев.
Излегува дека она што се ветуваше и гарантираше како отворање на непречен пат за нашата евроатлантската интеграција и не било баш така. Затоа скопјани и очекуваат нови уцени.
– Сега дури кога видоа колку се продадени и лесни инсталираните политичари во Македонија, сега соседните земји ќе излезат со уште повеќе услови и барања за да се дозволи влезот во ЕУ. Никој не спомнува проширување на ЕУ, барем не следниве пет години. Напротив, јасно се декларира дека нема да има проширување. За мене лично, одлуките кои се донесени се неважечки бидејќи тие се спротивни на интересите на македонскиот народ кој на двата референдума јасно кажа дека ова земја се вика Република Македонија, потенцира скопјанецот Гоце Гугуловски.
Простор за нови ултиматуми и за наше попуштање е создаден и со одредбите од двата договори со кое се предвидува формирање на најразлични тела во областа на историјата, образованието и други области. Таму ќе се испорачуваат барањата за менувањето на нашата историја и слично и чие неприфаќање ќе значи автоматско блокирање на нашата интеграција. А тоа подразбира дека во различни фази може да се испоставуваат нови барања до македонскиот народ.

Не треба да си Нострадамус за да видиш дека уцените ќе продолжат
И скопјанецот Горан Костовски ни рече дека ќе бидеме изложени на блокадите и покрај потпишаниот договор.
– Секако дека по промената на власт наесен во Грција и устоличувањето на Нова демократија ќе не чекаат нови барања. Ќе треба да направиме уште многу отстапки за да не не блокираат повторно во НАТО и особено во ЕУ. Тоа е фикс, не треба човек да е Нострадамус, потенцира Костовски.

Самата ЕУ нема намера да прима нови членки
– Македонија побрза да си го промени името, а ЕУ нема намера да брза да прима нови членови. Франција бара прво сериозни реформи во ЕУ, а по нив може самата унија да се подели на три дела, а не пак нас да не примаат. Затоа да не не лажат дека преименувањето на државата е многу паметен потег, децидна е Стојна, која не сака да го каже презимето поради страв од проблеми на работното место.