Коњите се мачат на скопските улици, а запрежните коли го мачат градот

Скопје се фали дека е метропола, ама по улиците уште има запрежни коли како да е зафрлено село. Тоа мора да се смени. Мора да се смени и од аспект на тоа дека со коњите се постапува навистина сурово, што сите го гледаме на скопските улици. Паднат коњ кој искрвавува во локва крв пред очите на учениците чиј екскурзиски автобус го удрил на скопските улици беше само една од шокантните глетки кои се забележани во април годинава. Минатиот месец, пак, изнемоштен коњ кој влечел запрега полна со отпад колабира кај полициската станица „Пролет“ во центарот на градот. Сето ова се само најнови и најшокантни примери на измачување на ќувотни. Тоа мора да се спречи.
– Еднаш видов таква сцена кога паднатиот коњ кој беше целосно исцрпен и ослабнат, сопственикот сакаше на сила да го крене на нозе. Меѓутоа, сето тоа заврши со угинувањето на животното, ни рече скопјанецот Дамир Веселиноски.
Собирачите на отпад ни велат дека знаат дека коњите им се изнемоштени но дека немаат друг излез.
– Зарем јас сакам да го мачам коњот по цел ден на улица. Но, тој и запрегата ми се единствено средство со кое можам да собирам шишиња и стара хартија од контејнерите. Некогаш поминувам по цел ден на улици за да заработам 300-400 денари. Дома немаме од што друго да живееме. Знам дека му е тешко на коњот и дека еден ден може да угине, но немам друг излез, ни рече еден од собирачите на отпад.
Фактот дека со овие запрежни коли овие граѓани ја обезбедуваат егзистенцијата е и една од главните причини зошто надлежните органи се уште го толерираат нивното движење дури и по фреквентните сообраќајници. Со години се започнувале иницијативи за да се воведе некаков ред и да се отстранат запрегите од градските сообраќајници, но досега, освен префрлање на надлежноста, ништо друго битно не се случило.
– Нешто треба да се направи за овој проблем. Коњите дневно би можело да се оптоварени со понапорна работа каква што е орање или влечења кола најмногу два-три часа. По тоа, би требало да примаат витамини, да се хранат со протеини… Овде има ситуација во која тие по цел ден влечат натоварена запрега тешка и по еден тон. Јадат само трева која не може да им ја врати силата и се исцрпуваат до смрт, објаснува Слободан Гроздановски, од Коњичкиот клуб „Анималс“.
Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ по случајот во април годинава побара повеќе мерки за заштита на овие коњи.
– Треба да се направи евиденција, да се воведе забрана за движење на влечни коли по урбаните средини, итно одземање на коњи ако се стари и болни, обештетување на сопствениците со соодветно превозно средство за нивнате работа, бара оваа организација.
И Слободан Гроздановски смета дека државата треба да преземе нешто.
– Тие луѓе немаат избор. Ми кажуваат дека ако не заработат нешто дома нема што да јадат. Ако сакаме да ги заштитиме животните, на газдите треба да им се најде некое превозно средство за да не собират отпад со запрежни коли. Надлежните треба да поведат сметка за тоа, потенцира тој.

Прават застои на сообраќајниците
Освен што треба да се заштитат коњите, време е да се мисли и на впечатокот кој го оставаат застарените запрежни коли движејки се низ Скопје. Сликата е грда. За големите застои и опасностите кои ги предизвикуваат на сообраќајниците и да не зборуваме.