Кристијан Нинески го фати крстот во Скопје, борба во Крива Паланка…

Кристијан Нинески е скопјанецот кој го фати крстот, што Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, денеска го положи во водите на Вардар, на празникот Богојавление – Водици. Околу 130 верници беа пријавени за фаќање на светиот крст, што околу пладне беше положен во водите на најголемата македонска река.

Нинески беше најбрз и највешт меѓу сите учесници кои придонесоа оваа традиционална манифестација да помине во најдобар ред. По излегувањето од водата тој беше даруван од архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, до скопската градоначалничка Данела Арсовска и од други присутни граѓани.

Претходно, во 9 часот се одржа архиерејска божествена литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“,  на која начаствуваше архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан.

Во водите на Охридското  Езеро Васко Довлев од Варош беше најсреќниот меѓуповеќе од 400 капачи кои скокнаа во водите. Васко беше даруван со подароци од митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј. Ни силниот ветар и водата која имаше 9 степени  не ги поколеба верниците, а настанот беше прилично посетен како што тоа е обичај во Охрид.

Во Прилеп манифестацијата беше збогатена со летењето на гулабите а 14-годишниот Марко Ристески по вторпат го фаи крстот во осветените води во црквата „Св.Благовештение” во Прилеп. Меѓу 20-тината скокачи имало и девојче. Во Тетово најбрз беше триесет и седумгодишниот Ивица Јовановиќ кој го фати осветениот крст на годинешното празнување на Богојавеление – Водици во Соборната црква „Свети Кирил и Методиј“ во Тетово.

– Нека дава Господ на сите здравје, среќа, напредија да има. Прв пат скокам по крстот, прв пат го фаќам крстот, изјави Ивица Јовановиќ.

Во Дебар, пак, осумгодишниот Павел беше најсреќниот меѓу скокачите по крстот во црквата „Света Петка“ во Дебар, на традиционалната прослава на Водици. Црковниот одбор и верниците го даруваа Павел со подароци.

Скокањето по крстот за Водици утрово во Крива Паланка, пак, можеше да се претвори во тепачка. Младите момчиња кои скокнаа во Крива река се тегнеа и влечеа за да го добијат крстот и покрај апелите на  свештеното лице да сопрат.

-Деца, не се борете за крстот. Вие крст примате, не примате некоја друга работа, извикуваше свештеникот за да ги смири младите кои се грабаа за да го земат крстот од рацете на другиот.

Традиционалните манифестации со положувањето на крстовите се извршија и во други македонски градови и села.

Претходна вестМедведев: Ако загубиме можна е нуклеарна војна
Следна вестВозачите тешко повредени во сообраќајка на „Рампа“ во Кисела Вода