Музиката е мојот свет, тоновите се моја игра, затоа и компонирам

Со каков тон брмчи машинка за пострижување на косата во рацете на берберот? На ова прашање малкумина во земјава би можеле да дадат точен одговор. А оние кои можат, во просек еден од 10.000 граѓани, имаат таканаречениот апсолутен слух кој им овозможува да ги препознаваат тоновите во звуците кои доаѓаат од сета околина. Кога ќе се препознаат тоновите, тогаш таквите звуци може и да се отсвират на некој инструмент. Таква особина, поседување на апсолутен слух е само една од бројните способности кои ги има 18-годишниот Виктор ТОШЕВСКИ, сега матурант во Музичко-балетскиот училиштен центар „Илија Николовски Луј“. Неговите способности им се добро познати, како на неговите соученици така и на целиот наставен персонал. Неодамна тој е прогласен за најдобар ученик на теоретскиот оддел во ова познато скопско музичко училиште. За каков талент и успешен ученик се работи доволно зборува и тоа што Виктор е слеп од раѓање, но и покрај тоа во неговите свидителства има само петки, но добива и разни пофалби и признанија.
– Сега го завршувам образованието на музички теоретски оддел кој ми дава основи за тоа да можам да компонирам музика, да предавам на учениците музички теоретски предмети. Но, мене ме влечат студиите за тонска продукција и по што би работел се она што е врзано со звукот – како тон мајстор, снимател на песни, се што е врзано со микрофоните, веднаш ни ги открива своите планови Виктор.
Тоа, дека ќе почне да се занимава со музика и дека ја носи во себе, кај Виктор се видело уште од мали нозе. Уште како дете го привлекувале ударачки инструменти и поскал да научи да свири. Паралелно со основното образование кое го завршил во училиштето за слепи „Димитар Влахов“ се запишал и во нижо музичко училиште. Потоа следело запишување во Средно музичко училише каде сега е на крајот од образовниот процес. Во тој интервал пеел и во хорот на „Златно славејче“, а и двапати настапил на фестивалот како пејач. Во сето тоа му помагале многумина, како неговата мајка, така и учениците, наставниците, но и тој им помагал на многумина другари за да што подобро ги совладат лекциите.
– Досега сум компонирал пет композиции за клавир, но се уште е рано да се каже дали во иднина на ова сериозно ќе му се посветам. Едно е јасно, музиката за мене значи многу, многу. Тоа не може лесно да се објасни. Таа ми предизвикува задоволство, како кога ја слушам така и кога компонирам. А јас сакам секаква музика, потенцира тој.
Виктор ни открива дека му се восихитува на Моцарт, но и тоа дека ја сака „метална“ музика.
– Од разни видови ваква музика мене најмногу ме привлекува „павер метал“ бидејќи е многу мелодичен. Погрешно е да се мисли дека „металот“ е лесен за свирење, треба и тука напорно да се работи и вежба. За се е најважно да се прави она што се сака. Не можеме да очекуваме од сите ученици во основното образование да бидат добри музичари и јас не ги обвинувам децата кога велат дека не го сакат музичко. Таа настава треба да им се прилагоди на децата, наведува овој музички талент.
Помош за идно школување
Мајката на Виктор, Лепа Тошевска ни објаснува дека за неговото натамошно школување мошне важно ќе биде дали ќе успее и да добие некоја стипендија или ослободување од школарината.
– Оддел за тонска продукција постои на факултетот за аудуио – визуелни уметности ЕСРА и запишувањето таму е голема желба н Виктор. Јас се надевам дека оттаму ќе ни излезат во пресрет бидејќи самите немаме можности и ќе му овозможат на мојот син да си го продолжи музичкиот пат по кој е цврсто решен да си оди, ни рече таа.

Текстот е објавен во неделникот Скопско Ехо