На 500 зависници во К. Вода им се дава метадон и им се вели – оди си!?

Христијан ЈАНКУЛОВСКИ, извршен директор на невладината организација ХОПС, која што им помага на зависниците од дроги, го прашуваме за актуелниот проблем околу дислокацијата на Центарот за лекување на зависниците од Кисела вода и третманот на оваа категорија на пациенти.

Како гледате на настанатата ситуација по барање на граѓаните од К. Вода да се дислоцира Центарот, како да се усогласат нивните ставови и потребите за лекувањето на овие пациенти?

– Тој проблем не е од вчера туку се таложеше цели триесетина години во текот на кои не се најде квалитетно решение. Лани, проблемот со овој Центар дополнително се отежна откако во него се префрлија и околу 160 пациенти кои дотогаш се третираат во рамките на Клиничкиот центар. Но, по една одлука на тогашниот министер за здравство Арбен Таравари од август 2017 година тој центар се затвори и сите се префрлија во Кисела Вода. Сега таму имате дури околу 500 пациенти кои доаѓаат да добијат метадон како замена за дроги. Тоа е голема бројка за овој Центар. Мене не ме изненадуваат реакциите на граѓаните кои надвор гледаат како тие пациенти со шприцеви инјектираат метадон на некоја клупа околу нивните домови. А тоа го прават оти начинот на третирањето на овие пациенти не е добро поставен и организиран. Не може се да се сведе на тоа – еве ти метадон и оди си…

Кои се главните проблеми кои постојат врзано со лекувањето на зависниците од дроги?

– Дефинитивно, третманот на зависниците е лошо организиран. Не може се да се сведе само на давање на метадон, а да нема и дополнителна психосоцијална поддршка. Но кој да им ја даде? Таму работат само неколкумина лекари и медицински сестри и излегува дека на еден лекар имате 100 пациенти. Како тој може да се грижи за сите нив, како да има индивидуален пристап со секој од нив а што е неопходно за успешно лекување. Значи, немаме квалитетно лекување, нема доволно кадар, посебно нема психијатри кои би работеле со нив. Заради тоа, не е решение во дислокацијата на Центарот ако не се подобри начинот на лекувањето. Локацијата нема да смени ништо. Целта треба да биде лекувањето, а не тие луѓе да се префрлат некаде каде никој нема да ги гледа. Во Љубљана, на пример, ваков Центар е во самиот центар на градот. Како тоа таму никому не му пречи. Не пречи оти е организирано како што треба.

Што треба да се направи за да третманот на зависниците биде како што треба?

– Основно е тоа да се организира квалитетно лекување. Да има доволен стручен кадар кој ќе има можности индивидуално да работи со овие пациенти. Мора да имате и просторија во која тие ќе можат да си го инјектираат метадонот, а не тоа да го прават надвор, на клупите и пред очите на граѓаните и малите деца. Кој нема да се шокира од такви сцени. Во Центарот за зависници кој делува во рамките на Градска општа болница „8 септември“, на пример, се многу подобро функционира оти работите се поставени подобро. Треба да се запрашаме зошто од околу 7.000 корисници на дроги во земјава се лекуваат само околу 1.600 – 2.000 а другите не се опфатени. Имаме бројни примери со кои зависници не сакаат да одат на вакви третмани бидејќи не им се допаѓа како се прават. Тоа треба да се смени и ако се е организирано како што треба граѓаните не би имале причина да се плашат од зависниците кои сакаат да се лекуваат.