Не гледајте политика туку комедии, за да си ги вратите насмевките

Бојана ДЕЛЕТИЌ – КРСТЕВСКА која е дел од презентерскиот тим на централната информативна емисија на Македонската телевизија, има многу едноставен и прaктичен совет до гледачите: да се одбегнува се она што им делува негативно .

Што им препорачувате на скопјани да гледаат на телевизиските програми?
– Да гледаат квалитетни филмови и квалитетни серии. А, ако баш морам да препорачам, тогаш препорачувам комедија, НЕ политика. Научете да се смеете, НЕ да се карате. Луѓето ја заборавиле насмевката. Со добра комедија ќе се потсетите дека, како што велат, насмевката е единствената крива линија на лицето која магично успева да го разубави денот и душата.

Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат на ТВ каналите?
– Секој има своја сфера на интереси, па не би било згодно да кажам што граѓаните треба да избегнуваат и кога да го сменат каналот. За мене лично е едноставно, се додека програмата ми буди позитивни чувства и задоволство – гледам. Политика не сакам – па не гледам. Оттука, ако ми дозволите мојот совет би бил следен: се што гледате на телевизиските канали, а чувствувате дека ве контаминира, ви се чини премногу токсично, ви го обзема умот и телото со негативни мисли и емоции – избегнувајте го.

Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?
– Тоа што мене ми недостасува се малку поинакви теми кои Скопје ги заслужува. Верувајте Скопје нуди толку многу неоткриени „тајни“, скриени сокаци и заборавени приказни и легенди што кога би ги оживеале повторно, верувам дека секој од нас би бил горд на сопствената лулка и достоен домаќин кој со нетрпение ќе сака да ја прераскаже приказната за Скопје на посетителите и туристите. За жал, ваквите легенди недостасуваат во македонскиот етер, а младите имаат се помалку можност да ги чујат и да откријат една поинаква димензија за родниот град, која освен што е одлична промоција и го збогатува умот, може да придонесе и во збогатувањето на буџетската каса.

Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?
– За да ги задоволите критериумите на гледачите и да направите емисија вредна за внимание потребно ви е да создадете производ по мерка на сите. Отсекогаш сум ги сакала социјалните теми, па веројатно оттука би произлегла и општествено едукативна емисија во која што секој од нас би се пронашол и огледал. Во време на јутубери, блогери и влогери, навистина е предизвик да создадете емисија што ќе го оттргне вниманието на младите од телефоните и ќе им ги отвори погледите пошироко, потсетувајќи ги на заборавените вредности. Иднината останува на младината, па оваа емисија би имала цел да ги натера и родителите да застанат за миг, да го „сопрат“времето и да размислат.