Нови случаи на морбили, но и уште побројни гневни родители

Расте бројот на случаи на заразени од морбили, но расте и револтот кај родителите, особено кај оние кои имаат намера да ги вакцинираат своите деца, но не можеле до сега заради чести настинки и бактеријски инфекции што се шират во градинките. И овие деца имаат забрана за влез во градинка, додека родителите се соочуваат со проблем оти нема кој да им ги чува додека се на работа.
-Мојот син има 13 месеци, и само една вакцина примена, а од 6 месеци оди во градинка, оти немаше кој да го чува. Заради бактеријски инфекции одложувавме вакцинирање, не само на ММР туку и на сите други, па сега еве сме и колатерална штета оти не можеме да си го носиме детето во градинка, не по наша вина. А кој да го чува сега? Треба ли да барам дадилка и да плаќам огромна сума месечно, а не можам да си дозволам? Не знам колку ќе трае оваа кампања и забрана, ама е тотално неправедна, вели за нашата редакција Соња.М од скопско Радишани.
За ваквите случаи нема посебен третман и одлуки од надлежните, а ги има многу.
Во меѓувреме бројот на заразени се зголеми за уште седум нови случаи. Децата на возраст од две години се од скопската населба Ново Лисиче и одат во иста градинка, од која досега заболеа вкупно осум деца кои не примиле МРП вакцина.
Инаку од 16 декември се примени 22 луѓе, од кои 13 се хоспитализирани, додека девет се пуштени на домашно лекување. Најмладиот пациент е бебе од осум месеци, а најстариот има 33 години.
Од прогласувањето на епидемијата мали сипаници на територијата на Скопје, 2 јануари, досега се вакцинирани 1692 деца, а вкупно невакцинирани на стартот на вакцинацијата беа 15 000 деца помлади од 16 години.
Владината кампања не ги убеди некои родители да ги вакцинираат децата, оти тие и натаму немаат доверба во системот и квалитетот на вакцините, а најавуваат и тужби.