Остават ли куќните совети и дуќанџиите снегот сам да се исчисти?

Снегот кој од вчера почна интензивно да паѓа и да прави проблеми во сообраќајот и за движењето на пешаците на тест повторно ќе го стави и исполнувањето на обврските кои ги имаат самите граѓани и сопствениците на деловните објекти. А тие се врзани за расчистување на снегот од тротоарите и од покривите пред нивните станбени и деловни објекти. Искуството од вчера како да укажа дека малкумина од нив веднаш се фатија за метлите и лопатите за да го тргнат насобраниот снег и овозможат полесно и посигурно движење. Пред многу влезови на станбени згради и на дуќани снегот беше оставен сам на себе или на градските и општинските служби кои сепак имаат други обврски во вакви ситуации. Ситуацијата од минатите години како да се повторува – ова обврска од Законот за јавна чистота, едноставно, не се почитува и само малкумина совесни граѓани веднаш се анагажираат да го расчистат снегот кој секогаш предизвикува лизгање и повредување на многумина граѓани. Само вчера околу десетина граѓани веќе паднале и се здобиле со повреди заради кои морале да побараат лекарска помош.

– Не видов дека некој чистел пред продавниците или пред зградите. А по тие тротоари најмногу се движат луѓето. Лизгавите плочки се најголема опасност, вели еден скопјанец.

Во таква ситуација и со таквиот однос единствен излез е надлежните градски и општински служби веднаш да ги потсетат несовесните куќни совети и сопственици на деловен простор за обврските што ги имаат. Но секако и самите служби да ги засукаат ракавите.
До кога снегот ќе не изненадува во зима?