Платата ja крати новогодишната еуфорија и желба за прослава

„Дома“, „Не е како порано“, „Нема празнична атмосфера“, „Повесело беше минатите години“… ова се одговорите на скопјаните кои „Скопско ехо“ ги праша каде и како ќе ја пречекаат Новата година. Во домашна атмосфера, во кругот на семејството, или едноставен пречек, е изборот на многумина наши сограѓани кои ги сретнавме на главниот градски плоштад. Ни уредената населба Винтерленд и украсениот град за што се потрошени околу 300.000 евра од градската каса, ни организирање на дочек на отворено, очигледно не влијаат многу кај граѓаните да завладее новогодишната атмосфера.
Брачната двојка Трајанка и Зоран Смилевски кои ги затекнавме како прават „селфиња“ на градскиот плоштад, ни рекоа дека ова им е едно од првите излегувања со цел да го разгледаат градот.
– За пречекот ќе останеме дома, како и во изминативе неколку години. Веќе и не сме толку млади за да одиме по дискотеки, но тоа и не е главна причина. Владее една атмосфера на разочараност кај луѓето. Тоа го забележувам по нивните лица кои ги среќавам додека одам по градот. Лицата на моите сограѓани ми се некако сиви, им се забележува дека не се среќни, дека не се задоволни. Хаосот во државата, нискиот стандард си го прават своето, па нема весели лица, ни вели Трајанка Смилевска.
Нејзиниот сопруг Зоран се согласува со сето тоа и додава дека со такви луѓе не може да се очекува дека во градот ќе владее некоја посебна новогодишна еуфорија.
– Во поранешните години сепак беше поинаку, луѓето сепак беа посреќни, тоа им се гледаше на лицето. Сега само се забележува исцрпеност, измореност, тоа дека нема свежина, ни кажува тој.
Останувањето дома и до сега било чест избор на скопјани при што пречеците се правиле најчесто заедно со блиските пријатели, роднини. Сега и то се сменило па семејствата најчесто остануваат сами во сопствениот дом. Причините за ова промена во традицијата сигурно треба да се бараат во нискиот стандард бидејќи и пречекувањето на гости дома повлекува не мали трошоци.
– Со сопругата ќе си бидеме дома, така правиме секоја година па и сега. Денеска прошетав за да го видам градот и мислам дека нема некоја посебна новогодишна атмосфера. Јас се сеќавам како беше порано и мислам дека беше поубаво. Тогаш ми беше многу повесело. Луѓето имаа помалку пари отколку сега но беа повесели. Сега народот е постегнат, позагрижен, несигурен. Кога се така чувствуваш не можеш да очекуваш некое големо радување, ни рече Воислав Славковски кој живее во скопското село Бразда.
Архитектот Даниел Тасевски ни кажа дека со своето семејство ќе остане дома.
– Остануваме дома оти немаме пари. Јас сум вработен и добивам плата но таа не е доволна за да можеме да си дозволиме некаков пречек надвор од домашниот амбиeнт. Тоа ни е реалноста и додека тоа не се смени така ќе биде и во иднина. Значи, нема еуфорија, нема посебно чувство, потенцира Тасевски.
Очигледно, посебно организираниот пречек не смени многу во чувствата на граѓаните. За тоа, се чини, е потребно многу повеќе: да почувствуваат промени прво во сопствениот стандард а потоа празничното расположение самото ќе си дојде.

Пријатно е во украсен град
Каде ќе отидат за новогодишниот пречек се уште не решиле Никола Цветановски и Неда Јордановска кои се од скопската општина Бутел.
– Извесно е само дека ќе останеме во Скопје и дека нема да заминеме никаде надвор, а каде ќе завршиме во понеделник навечер ќе видиме во наредните денови. Инаку, пријатно се чувствуваме во вака украсен град, ни делува како да е од филмовите, ни рекоа тие.