По три години „свинскиот грип“ пак дојде кај нас, вакцинирањето ќе помогне

Д-р Жарко Караџовски, епидемиолог во Институтот за јавно здравје, го прашуваме за тоа дали ни се заканува епидемија на свинскиот грип и како граѓаните можат да се заштитат од него.

Во регионот околу Македонија – во Србија, Црна Гора, БиХ, Хрватска… веќе има на десетици смртни случаеви како последици од компликации предизвикани со вирусот на грипот Х1Н1. Каква е состојбата кај нас, што треба да прават граѓаните?
– Треба да се биде внимателен, посебно ризични категории на граѓани кои веќе имаат некое друго заболување. Последниве 2-3 години на подрачјето на Р. Македонија воопшто не е регистриран ниту еден случај на присутноста на вирусот Х1Н1, во народот познат како „свински грип“. Истиот тој вид сега е регистриран во целиот наш регион. Заклучно со денеска во нашава земја имаме 643 регистрирани случаи на грип со кој најмногу е зафатена популацијата од 15 до 64 години. Кај петмина граѓани изолиран е вирусот Х1Н1, кај двајца вирусот Х3Н2 а кај еден се уште не е изолиран видот на вирусот. Ова значи дека „свинскиот грип“ сега се појавил и кај нас.
Заради тоа што последниве години на наше подрачје не бил регистриран вирусот Х1Н1 нашите граѓани немаат имунитет кон него. Вирусот сега е присутен, влегол на некој начин во наша земја, и тоа значи дека постои опасност од неговото ширење. Ако некој го добие и претходно има друга болест, таа може да се искомплицира и до смртни последици. Посебно е ризично за лица кои имаат белодробни заболувања, дијабет, кардиоваскулани заболувања, оштетувања на бубрезите, лица кои се хронично болни, со воспаленија. Вирусот на „свинскиот грип“ ги прави овие заболувања уште потешки и со големи компликации.

Стравувате ли дека може да се случи поголем број на заболени лица?
– Таква опасност постои, посебно во наредниве недели кога ќе почнат да работат и факултетите, кога ќе има поголеми контакти во затворени простории какви што се предавални и слично. Граѓаните треба да внимаваат да не дојдат во контакт со носители на вирусот, ризични групи повеќе да остануваат дома, да се консултираат со матични лекари, на своја рака да не земаат антибиотици, да земат поголеми дози на Ц витамини (посебно оние лица на кои им студи), просториите редовно да се луфтираат. И секако, да се прими вакцина.

Дали е е сега доцна да се примат вакцина против грипот.
– Јас би се вакцинирал и сега. Идеално беше да се прими вакцина во ноември-декември. Тогаш беа набавени околу 30.000 вакцини од кои досега се потрошени околу 20.000. Значи, вакцини се уште има и кој сака може да отиде да се вакцинира и тоа вреди да се направи. Откако ќе примите вакцина потребни се две недели за да ви се развие имунитетот. Како што очекуваме во наредниве две-три недели да се зголемува бројот на заболените со вирусот Х1Н1, тоа значи дека вакцинирањето може да помогне некој да не заболи. Ваквите вакцини овозможуваат да бидете 70-процентно заштитени од вирусот но и тоа, доколку сепак го добиете грипот, многу полесно да го пребродите. Односно, да не ви се случат компликациите кои може да ги предизвика вирусот Х1Н1.