Преку филмот сакаме да им порачаме на младите да веруваат во себе

Ема е 17-годишната тинејџерка, девојка која сака да ги проба сите нови работи кои се појавуваат во нејзино опкружување, но и која ги чувствува сите стравови и дилеми на младите во денешното општество со сите негови пороци. Ова е тематска рамка на несекојдневното долгометражно филмско остварување „Ема“ зад кое стојат тројца скопски средношколци кое своја премиера имаше неодамна во Скопје. Тие, 16-годишниот Мартин Чичовски, како режисер, 15-годишната Оливера Каменаровска која е актерка во филмот како и 16-годишниот Вања Tројачанец ни велат дека им се остварил сонот: да го прикажат реалниот живот на тинејџерите и да порачат дека секој ако работи може да постигне многу во животот наспроти сите искушенија кои се појавуваат.
Се тргнало од приказната која Мартин во август почнал да ја пишува со другарката Лина Бојаџиева и која ја завршиле за само две недели, а била инспирирана од личности кои постојат во вистинскиот живот.
– “ЕМА“ го прикажува реалниот живот на младите во Македонија, без никакви услови за напредок во било што. Единственото нешто што останува за младите да можат да побегнат од оваа сурова реалност се пороците на 21 век. Филмот прикажува и дека потребно е и за некои работи да се отвориме повеќе, отколку да се затвораме и да се криеме, ни објаснува Мартин.
Потоа следело снимањето со камерата која ја набавиле од малата заработка која Мартин ја остварил со неговиот претходен филм „Без разлика на се“ кој се емитуваше во МКЦ, а за останатите средства им помогнале нивните родители.
-Не беше лесно да се снима секој ден по 7-8 часа, без сретства и скапа опрема, но на крајот се исплатеше. Пораката која сакаме да ја пренесеме е сите да веруваат во себе. Да знаат дека и најстрашните проблеми, и најтемните денови имаат крај и свое решение. Да научат да ја гледаат светлината на крајот од тунелот и да знаат дека со блиските околу нив секогаш на крајот ќе излезат победници од секоја битка, ни вели Оливера Каменаровска која игра во филмот.
Во филмот учествуваат 15-тина млади актери но и две повозрасни особи кои глумат мајки, кои се клучни за пренесување на чувствата и без кои овие млади луѓе реално би се изгубиле во борбата со пороците кои гиопкружуваат”.
– Низ прикажаното во филмот на младите, постарите, на општеството порачуваме да бидат попаметни во смисла на нивното ментално здравје, да бидат поотворени за нови идеи, да знаат дека секогаш ќе има некој таму за нив. Мојот лик дава порака за тоа како луѓето не можат да прифатат разлики и како дури кога ќе се случи најтрагичното нешто се свртуваат на тоа прашање. Јас мислам дека не треба дури тогаш да се прашуваат туку треба отсекогаш да го имале одговорот или барем да размислат, наведува Вања Tројачанец.
Овие тројца филмски таленти ни велат дека би сакале во земјава да има подобра клима за таленти но и верба во младите за да не се случува тие да си заминуваат од државата.

Филмската уметност им е предизвик
Мартин, Оливера и Вања се веќе сега решителни дека филмската уметност ќе биде нивна идна професионална определба.
– Јас дефинитивно ќе продолжам во оваа област и ќе продолжам да снимам филмови, вели Мартин.
Оливера, пак, вели дека дефинитивно е сигурна оти ќе продолжи на факултет поврзан со филмската индустрија, но се уште не сигурна дали тоа ќе е глума или режија. Вања, пак, вели дека е во дилема меѓу психологијата, глума а во комбинација е и режија.