Прво изгоре Поштата, а сега гори и планот за поправка

Никако да се сетат на изгорената Пошта. Некогаш беше гордост на градот заради својата архитектонска оригиналност и убавина, а сега е со искршени прозорци, јагленосана главна шалтер сала, отпадоци во внатрешноста … Ова веќе шеста година по ред е реалноста за зградата на некогашната Пошта 1 која со својата форма на лотосов цвет беше препознатлив градски симбол. По катастрофалниот пожар во кој изгоре цела внатрешност веќе како никој од надлежните да не се грижи за тоа дали таа ќе биде обновена. Имаше неколку тендери во најава за обнова на ова дело на архитектот Јанко Константинов, но по некои козметички зафати како да е се запрено. Дури се откажаа и од обновувањето на преубавиот мурал на ликовниот уметник Борко Лазески. Па, така, од еден од најубавите објекти во градот останаа само бетонски ѕидови и сведоштво за негрижата. До кога вака?