Сакаме да го спасиме скопскиoт јабучар и да ја афирмираме симит-погачата

Скопјани, но и другите добро го знаат изгледот и преубавиот вкус на скопскиот домат -јабучар. Но, сите веќе забележуваат дека овој вид на домат се поретко го има на скопските пазари. А и тие што се продаваат како такви, ретко се верни на оригиналот. Причина е едноставна. По скопските села се помалку се одгледува овој вид на зеленчук и последниве години на прсти можат да се избројат земјоделци кои тоа го прават во нивните градини. А и тие производството го прават во мали количества и љубоморно го чуват семето на оваа билна култура. Ако ваквата состојба продолжи во скоро време може да се случи од скопското подрачје да исчезне овој препознатлив бренд кој на свој начин беше обележје на градот кога е во прашање скопската храна и кулинарска традиција.
– Ние сакаме да направиме се тоа да не се случи, јабучарот и натаму да биде препознатлив бренд во Скопје, синоним за добриот вкус и квалитетна храна. Ги посетуваме земјоделците, организираме нивни средби со земјоделски стручњаци, организираме промоции, се со цел производителите на јабучарот да станат поактивни, да најдат интерес за поголемо производство, вели за „Скопско ехо“ Василка Стефановска, претседателка на организацијата „Слоу фуд Водно“.
Всушност, ова е скопски огранок на Националната организација „Слоу фуд Македонија“, која пак е дел од ваквата меѓународна организација. Таа настана како реакција на „брзата храна“ со цел да се зачува традиционалната исхрана во различни земји. Една од целите е да се заштити биодиверизетот, да се врши едукација на граѓаните, популаризација на локални производи на кои им се заканува исчезнување.
– Јабучарот го ставивме во нашата „ Арка на вкусови“ која е направена од организацијата и во која се систематизирани локални сорти, градинарски култури, автохотни животни, традиционални јадења. Сакаме јабучарот да влезе и во група на заштитени прозводи тнр. преизидиуми какви што се веќе слаткото од диви смокви, буковска пипер, мавровско сирење. Производителите тогаш ќе добиваат и одредени стимули, објаснува Стефановска.
Покрај јабучарот во „Арка на вкусовите“ се најде и скопската симит-погача како јадење кое е оригинално скопско и кое не може да се најде во други градови. Но, за разлика од јабучарот на симит-погача не и се заканува исчезнување но целта е да се афирмира овој скопски специјалитет.

Козјо сирење по стар рецепт
Организацијата веќе го афирмира козјото сирење кое го произведува еден земјоделец од скопско село Раштак. Тоа сирење е специфично по тоа што се прави без процесот на пастеризација на млекото, туку со старата метода која во минатото се правела на скопското подрачје. Со тоа се чува посебниот вкус. Се помага и производство на мармалад од шипинки кое го прави еден брачен пар пензионери.