Сакаме со автобус на Водно, ако треба и пајакот да помогне!

Ќе биде ли овој викенд сообраќајната култура на Водно подобрена? Прашањето е поради фактот дека многу скопјани минатиов викенд не успеаја да отидат на Водно со автобус. Иако одамна е ветено дека во викендите превозот е бесплатен и ќе има доволно термини и автобуси на ЈСП , иако граѓаните беа навремено на постојката спроти министерството за образование, сепак не стигнаа на Водно оти немаше автобуси во пладневните и попладневните термини.
– Автобуси предпладнето имало, ама потоа не можеле да се движат по патот за Водно, оти имало многу непрописно паркирани возила на повеќе локации на планината. Заради некои невоспитани, ние извисивме. Брука е ова и за полицијата, не може да воведе ред на еден мал пат. Испадна ние да дојдеме на автобуска станица и да добиеме одговор – е не може да ве однесеме на Водно, ни пиша Иван.
Исто како што имало многу скопјани кои со часови чекале да заминат за Водно, така имало нервози и чекање и на оние кои веќе биле горе, а пристигнале порано утрово додека автобусите се уште се движеле по трасата.
– Тргнале луѓе со аутобус на Водно, добар дел со деца, арно ама за враќање аутобусот не може да се качи од колите паркирани од страна по патот. Децата смрзнати, 2 часа чекале, доаѓа аутобусот, пакување како сардини – 200 души. Културен и будала исто е у државава, напишал Дарјан на социјалните мрежи.
Зошто Градот Скопје т.е. градоначалникот Петре Шилегов дозволува ова да се случи? Зошто возилата на сообраќајните насилници не биле собрани со пајак службата? Каква порака се праќа со ова на луѓето кои ги оставиле своите возила и ја прифатиле идеата токму на Шилегов дека треба да се штити Водно со незагадување? Каква е и пораката за насилниците кои паркираат каде сакаат? Немајте гајле, правите што сакате, а чесните ќе пострадаат.
Еве помина една недела на овие прашања сигурно си одговори и градоначалникот и полицијата.
Од ЈСП денеска упатија апел да се паркира на Водно само таму каде има обележани места. Ќе бидат ли послушани? Или ќе мора пајакот да поработи малку и на Водно?