Се уште не знам да пишувам, ама освојувам медали во шах

На неколкуте последни турнири за најмлада категорија на шахисти се забележува интересна ситуација: едно мало детенце стои покрај шаховската табла и влече потези. А додека игра не ги запишува потезите како што тоа задолжително го прават останати натпреварувачи, но сепак му е дозволено да се натпреварува… А така е заради тоа што се работи за шестгодишниот Максим МИТРЕВСКИ, ученик во прво одделение во основното училиште „Мирче Ацев“ од Ѓорче Петров, и чиј шаховски талент се повеќе излегува на виделина. Добри игри, победи против постари натпреварувачи, настапи на државни првенства… сето тоа почна да ја полни неговата биографија. Тој, инаку, шахот сега го тренира во шаховскиот клуб „Гамбит Асеко-СЕЕ“ од Скопје кај интернационалниот мајстор и Фиде тренер Орце Данчевски, двапати седмично во група со талентирани ученици од неговото училиште, а еднаш седмично има и дополнителни индивидуални часови со истиот тренер.
– Иако сакам многу работи како што се математика, фудбал, кошарка, трчање, гимнастика… сега шахот ми е најомилен. Многу сакам да решавам загатки, да правам експерименти, да барам решенија, да се натпреварувам, а оваа игра ми дава можности токму за сето тоа. Шахот е поврзан со математиката и тоа ми се допаѓа, а сега го учам и од компјутерски програми, ни вели шестгодишниот Максим.
Првиот контакт со шахот го имал на пет години, а потезите ги научил од неговите родители. Понатаму, се било полесно бидејќи ја имал големата желба и талент кој веднаш го забележал тренерот. После само два месеци тренирање, на пет и пол години, во април 2018 година Максим за првпат учествуваше на турнир кој е рејтингуван за ова категорија натпреварувачи.
– Таму го освоив сребрениот медал откако имав неколку победи врз постари натпреварувачи. Ова ме охрабри бидејќи видов дека можам да победувам и дека годините не се важни кога е во прашање шахот. Најмногу сакам да напаѓам во текот на играта и се радувам кога ќе го матирам противничкиот крал, посебно на деветооделенците. Ме ослободија од обврската да ги запишувам потезите бидејќи се уште не сум научил да пишувам, ни вели овој млад талент.
Веќе следниот месец играше на меѓународниот турнир што се одржа во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје. Таму во истата категорија до осум години го освои бронзениот медал и за што како награда ја доби шаховската табла што ја доби како награда. Во октомври 2018 година учествуваше на првенството во шах за млади на град Скопје. А пред десетина дена настапи на државно училишно првенство што се одржа во Охрид каде беше најмлад натпреварувач во категоријата машки-основни училишта и каде настапуваа од прво до деветто одделение, рапид темпо.

И поразите го мотивираат
– Посебноста на Максим се состои во неговата желба за натпреварување и најважно е тоа што во моментот кога губи успешно се справува со поразот што е навистина реткост на таа возраст. Тој не се повлекува туку тоа го мотивара уште повеќе да работи, а тоа според мене е еден од најважните предуслови да се успее во шахот, вели неговиот татко Боце Митревски.