Шилегов ќе ја шминка Матка, а ние поради кратерите на патот не можеме да стигнеме до неа

Матка е место кое сите го сакаме и го потенцираме како посебен бисер на Скопје. Познати светски медиуми го препорачуваат како задолжителна дестинација која мора да се посети. Ама како што не дал Бог, а потоа ние скопјани така „дефектни“ сме ги избрале вакви какви што се градоначалниците и ете ти – до Матка е мачно да се стигне. Патот е ужасен.
– Овој кањон да е кај нас, ќе беше тип –топ. Се ќе функционираше и се ќе беше чисто. Ќе се наплаќаше влез ама барем ќе функционираше локалитетот, а не вака да мора пеш долго да одиме до езерото, биле разочарувачките зборови на еден турист од Турција кога неодамна ја посетил Матка.
Тој му објаснил на нашиот водич дека не разбира зошто туристичкиот автобус не може да помине, зошто има толку тесен пат, па плус и полн со дупки и непрописно паркирани возила.
И навистина е така, сите сме сведоци дека петнаесетината километри од излезот од градот кон Сарај одамна станаа делница која ако не е убавиот кањон, никогаш и не би ја возеле. Најлош е токму последниот дел, непосредно пред почетокот на кањонот.
– Срамота е штоизгледа вака, што ваква прекрасна околина има ваков пристап. А не се само туристите кои имаат проблеми туку и жителите. Кога градските автобуси не можат да им дојдат, немаат свои коли, мора да одат пеш и по неколку километри до Глумово. Никој не сака да се потруди овој проблем со патот да се реши. Зошто би се грижеле кога, изгледа, немаат никаква добивка од тоа, ни вели скопјанката Јадранка Петровска, чест посетител на Матка.
Возилата не може ниту да се разминат
Во тоа како изгледа да се дојде до Матка по патот до неа сакавме и сами да се увериме. За тоа не требаше многу време. Дупките на патот почнуваат речиси од самото вртење и влегување во Сарај преку мостот. Асфалтот во оваа населба е обновен, но веќе се оштетува и треба да се внимава. Патувањето тука го отежнува застанувањето на градските автобуси на самата коловозна лента и принудно чекање заради што веднаш се создава колона возила. Потоа, патот го забавуваат и трактори и друга земјоделска механизација кои што постојано го користат овој пат кој продолжува кон село Глумово. Освен ова, веќе претесниот пат воопшто не е обележан со бела сообраќајна лента, а што создава ризик при возењето. Благодарение на прекланското реновирање асфалтот низ селото Глумово сега е во подобра состојба отколку што беше порано иако и тој е тесен заради густо наредените куќи од кои неколку како да влегуваат во патот.
Но, како што се доближуваме до Матка патот станува се полош. Се гледа дека со години е оставен сам на себе и на повремени крпења на дупките кои упорно пак се појавуваат. Последното крпење, очигледно, било пред повеќе години па сега е опасно ако се налета на некоја дупка. Ризикот се зголемува посебно во овој период кога има дождови па во големите дупки се создаваат вирови, а возачите не можат да проценат колку се длабоки.
Димче Петровски, жител на Долна Матка, кого го сретнавме додека поправаше кола во неговата автомеханичарската работилница, ни вели дека ни самиот не се сеќава колку многу возачи настрадале со колите поради дупките на патот.
– Луѓето возат релаксирано, мислат, одат на туристичко место да уживаат кога тука пропаѓаат со тркалата во дупките. На многумина им пукаат гумите, им се скршија полуосовини, им навлегла вода во моторот па доаѓаат тука да бараат помош од мене. Им преседнува излетот на луѓето. Се заради лошиот пат кој со години веќе не е поправен. Запуштен е целосно. Тука е најлошо, гледате и сами… Се дупка до дупка, ни покажува овој постојан жител на Долна Матка.
Последната делница од патот, непосредно пред ресторанот кој тука се наоѓа, станува мошне тесна, толкава што колите одвај можат да се разминат. Токму тука, гостите од ресторанот, како и посетителите кои нема да најдат место за паркирање на паркингот кој одвај собира дваесетина коли, најчесто ги оставаат своите коли на ивица од коловозот и заради што настануваат проблеми. Оштетената и искривената банкина токму на оваа делница, најдобро покажува какви се сообраќајни проблеми тука се случувале. Односно, колку возила во неа се удриле бидејќи не можеле да се разминат со други коли и за да се одбегне директен судир.

Се чека полицијатa да направи ред
По така стеснетиот пат не можaт да поминат ни градските, ни туристичките автобуси, ниту поголеми возила. Принудени се да се паркираат пред тоа стеснување, а тоа значи ново стеснување на патот се до Долна Матка кога веќе станува и невозможно колите и автобусите да завртат за да се вратат кон градот.
– Тие последни 200-300 метри до таканаречениот паркинг се вистинско малтретирање и за нас како водичи и за туристите. Доаѓаме со големи автобуси, со по 40-50 туристи кои мораме да ги симнеме подалеку и да пешачат до горе. За враќање проблемите се уште поголеми оти заради паркираните возила патот е слободен само во еден правец и колите не може да се разминуваат. Често чекаме и на полиција за да направи некаков ред, ни вели Лиман Осман, туристички водич.
Малиот паркинг кој може да собере одвај дваесетина возила очигледно дека е недоволен за вакво место. А и запустен е. Посебно делот кој претставува последна станица и свртувалиште за градските автобуси на кој има и кал.
– Читав градоначалникот Шилегов ќе плател скапа анкета за да дознае дали го сакаме и дали сме задоволни од неговата работа. Јас пак сакам него да го прашам, кога ќе се сети на Матка и патот кој води до ова прекрасно место. Кога тој ќе ми одговори, тогаш ќе му кажам што мислам за него. А ако не одговори, тогаш ќе си знам дека неговиот избор е големо промашување, ни рече по малку лут еден пензионер кој се шеташе покрај реката.

Илјадници евра за преуредување патеки
Наспроти ваквата состојба градските власти годинава планираат да потрошат околу 17.000 евра за уредувањето на пештерата Убава во кањонот на Матка. Ќе се потрошат и 10.000 евра за санација на патеката од манастирот Свет Андреа до Висок Рид. Сигурно е дека парите треба да се одвојат и за ова, но сепак засега шминкањето треба да е споредно, многу е поважно да се уреди патот за воопшто да се дојде до Матка.