Што ќе остане од Водно додека се донесе законот за негова заштита?

Багерите кои деновиве и натаму ја раскопуваат трасата за гасоводот на Водно, а за што еколозите велат дека е целосно бесправно, по се изгледа нема да се судрат со пречката наречена „Законот за Водно“. Како што стојат работите, целосно е неизвесно кога овој закон, со кој треба целосно да се уреди заштитата на омиленото излетиште на скопјани, ќе биде донесен.
Неговото донесување го бараа бројните еколошки организации, не само врзано за раскопувањата на трасата за гасоводот туку и заради стопирање на интензивната изградба на падините на оваа планина. За донесувањето на законот се заложи и Владата која го најавуваше за август годинава, како и скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Меѓутоа, тој и натаму е далеку од некаква дури и работна верзија. Според сознанијата, во овој период се работи на ревизијата и подготовката на Студијата за валоризација на Матка и Водно како заштитено подрачје. Тоа значи дека се прави мониторинг на живеалиштата на флората и на фауната на Матка и Водно, како и утврдување на предлог граници на зоните на заштита, социо-економска анализа, како и анализа на планирани проекти и усогласување на границите на парк – шума Водно со планската документација. Тие сознанија, за кои нема конечен рок кога треба да бидат завршени, подоцна ќе послужат како основа врз која ќе се прави законското решение.
Значи, излегува дека законското решение може и да се напише дури откако ќе бидат завршени градежните работи околу гасоводот, а и дотогаш уште по некоја зграда ќе никне.
Тогаш ќе биде и прашање што ќе остане од Водно, за да биде заштитено.