Скопје стана ветен град за крадците кои бираат дали ќе грабаат во стан, магацин, автомобил…

Крадењето стана главна карактеристика на Скопје. За жал. Но и за среќа на крадците, оти имаат голем град каде скоро несметано си бираат жртви и си оперираат бесчувствително.
Скопско семејство од Аеродором чиј што стан пред околу година дена беше ограбен се уште не знае кој ги ограбил. Аеродромците чекаат од полицијата одговор кој им упаднал во станот преку балконот, кој се испретурил и успеал да украде златен накит и две илјади евра.
– Уште кога дојде полицијата и кога ни рече дека „ни поминал редот“ јасно ни беше дека нема да се најдат крадците. Но, што е ова што се случува со кражбите во градот, ги има се повеќе, на илјадници. И на тие жртви ли им поминува редот!? Треба да се стави крај на тоа, но полицијата изгледа не може да го направи тоа, велат во ова семејство кое сакаше да остане анонимно и за чиј што случај „Скопско ехо“ веќе пишуваше.
Овој случај, се чини, мошне добро го илустрира она што се случува со кражбите во градот. Ги има се повеќе, стануваат се подрски, а слабо се откриваат и казнуваат нивните сторители. Практично, како да нема граѓанин кој не бил жртва или, пак, во чие што соседство не се случил грабеж. А се краде се што е можно – од станови, куќи, автомобили, мотори, дуќани, подруми, велосипеди, се ограбуваат аптеки, бензински пумпи, се крадат паричници, златни ланчиња, нараквици… се што може да има некаква вредност. Проценка е дека годишно се крадат работи во вредност од 6-7 милиони евра. Тој тренд не запира и излегува дека месечно во градот има и до илјада најразлични кражби, а што е премногу и бара да се преземе нешто тоа да се запре.
– Комшијата само што го оставил точакот на скалите во влезот и што влегол дома, веднаш му го снемало. И кога седев со еден другар на кафе во центарот на градот му го украдоа. Споредено со тоа, мене што ми ги украдоа ќесите со тегли од пред влезната врата во зградата не можам да го сметам за кражба. Многу, многу се краде по градот, насекаде. Во градот се дојдени луѓе од сите страни, преголем стана, луѓето дојдоа со очекувањата кои не им се исполнија, живеат во тешки социјални услови и почнуваат да крадат, ни вели скопјанецот Георги Хаџивасков кој живее во Градски ѕид.
Неговите примери влегуваат во статистиката која алармантно укажува колкави размери добија кражбите во градот. Во минатата, 2017-та година, на подрачјето на градот секој ден имало по 25 кражби. Односно, се случиле вкупно 9.135 кражби од кои 6.409 биле тешки. Ова е за 309 кражби повеќе отколку што се случиле во 2016-та година кога имало вкупно 8.826 ограбувања на скопјани. Или, по 24 кражби секој ден! Нема дилеми дека бројот на кражбите и годинава ќе биде голем. Инаку, најмногу се краде во општините Центар (по седум кражби секој ден) и во Аеродром и Карпош по четири дневно.
– Мене ми украдоа дел од моторот пред година и пол и успеале да го најдат крадецот, некој сопственик на сервис од Гевгелија кој доаѓал да краде по Скопје и да ги продава деловите. Но, уште не сум добил покана за судење. Ми провалуваа и во стан, се обидоа и моторот да ми го украдат. Влијае немаштијата на тоа што има многу кражби но основно е тоа што полицијата не ефикасна. Но и тоа што кражбите почнуваат од врвот. Кога главните во државата крадат, како оние што се сега на власт, така и оние кои беа претходно, тогаш тоа се шири надолу. Се губи системот на вредности. Порано на крадец со прст се покажуваше, сега се вели „глуп си ако не крадеш“, вели скопјанецот Димитар Почевски.
Поранешниот началник во МВР Љубомир Ѓурчевски смета дека лошите социо-економски состојби во државата се главен фактор за толкав број кражби.
-Ако сите статистики укажуваат дека околу 420.000 граѓани немаат средства за три оброка дневно и ако имаме многу малолетници од сиромашни семејства кои лесно се регрутираат тогаш е јасно зошто има многу кражби. Причините треба да се бараат и во делувањето на организирани криминални групи, се поголемиот број на уживатели на дроги на кои им се потребни пари за наркотици, потенцира тој.
Според него, полицијата треба да си ги добие поранешните овластувања кои ги имала во истрагите, а кои и се одземени во 2013 година.
– Сега во полициските станици не се води ниту евиденција на сторители, ниту други евиденции врзани за кражбите, растурена е соработничката мрежа, предупредува тој.
Поразителните податоци упатуваат на прашањето- зарем големиот број на полициски службеници што го има МВР од повеќе од 11.000, од кои 8.000 се униформирани, не се доволни за да се запрат кражбите? По бројот на полицајците сме биле и над светскиот просек: имаме 395 полицајци на 100.000 жители додека во светот просекот е околу 300. На почетокот на годината министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека на Скопје му недостасуваат околу 300 полицајци за да може да стартува позорникарската служба. Таа, по примерот на функционирање од минатото, би требало да ја подобри безбедноста во населбите. Но, тоа се уште не се случува.
– Каде се тие полицајци на велосипеди што ги промовираа. Јас никаде не ги гледам. Точно е дека не може полиција сама да ги запре кражбите оти ќе испадне дека ни требаат илјадници полицајци. Но, дека полицијата треба да е поприсутна треба, потенцира Хаџивасков.

Крадци и некои полицајци го делат пленот
Како посебен фактор Ѓурчевски ја наведува се послабата законска можност за делување и високиот степен на политизираност и корумпираност во полицијата.
– Имаме феномен на кражби, кога полицијата го дели пленот со крадците „фифти-фифти“. На тоа сигурно влијае нискиот статусот на полицајците и малите плати што ги имаат. Полицајците не се мотивирани да ги откриваат сторителите на криминални дела и на украдените предмети, а и немаат големи ингеренции во истрагите. Оперативниот дел на полицијата ни е многу слаб поради политизираност и корумпираност, потенцира поранешниот полицаец Ѓурчески.