Со барокот на „Пелагонија“ расчистија, ама две години се во рушевини оставија

Куп на вреќи со шут и друг отпад стојат пред недозиградениот влез на зградата на поранешното градежно претпријатие „Пелагонија“ на само стотина метри од централниот градски плошад. Отпадоци се гледаат и по дворот кој е ограден со лимена тараба и со зелена платнена мрежа. Слично е и кога ќе се погледне нагоре: висат жици, малтер, неподравени прозорци, незавршена конструкција … Се e оставено да пропаѓа и како да е заборавено. А така е повеќе од две години: зградата која требаше да добие нова, барокна, фасада, се уште стои незавршена и преставува грда слика во најстрогиот центар на градот. До кога ќе биде така не се знае. Ветувањата дека таа ќе се заврши беа дадени уште пред повеќе од година дена, но ништо не е сменето. Дали ќе се направи нешто во оваа година, исто така, е сосема неизвесно…
– Ова е навистина недостојно за центарот на градот. Малку е што имаме незавршени градби на самиот централен плоштад туку недовршена стои и оваа зграда. Ако веќе беше запрена нејзината градба тогаш нека се побрза да се заврши онака како што сака новата градска власт. Вака, се стои во место, се трупаат отпадоците, а ние како граѓани гледаме грда слика секој ден, ни изјавија повеќемина граѓани кои често поминуваат покрај овој објект.
Кога во 2017 година стапи на функција еден од првите потези на новиот градоначалник Петре Шилегов беше да ги стопира градежните работи на новата барокна фасада за оваа зграда што ја сакаше претходната градска власт. Работите на префасадирањето започнаа во 2015 година. Новиот градоначалник тогаш изјави дека на зградата ќе и биде вратен нејзиниот автентичен изглед.
– Постигнавме договорот со сопственикот на објектот тие да изработат идејно решение кое ќе го врати автентичниот изглед на зградата. Договорено е потоа ние да продолжиме со градежни работи и да ја завршиме таа обврска. При крај е постапката за изработка на идејно решение, изјави тогаш Шилегов.
Враќањето на старата фасада требало да чини многу поефтино од 1,9 милиони евра колку што претходните градски власти договориле со изведувачите на барокната фасада, а кои работите требаше да ги завршат во рок од една година.
Но, оттогаш поминаа повеќе од година дена, а не е започнато со никакви работи. Надворешната фасада и натаму стои соголена со неколку направени столба, се гледаат тули, железна конструкција… Предниот дел од објектот е ограден за да нема минувачи но делот на зградата кој гледа на улицата „Димитриа Чуповски“ е неограден и оставената конструкција претставува опасност за бројните минувачи. Градските власти треба да се потстетат на обврската која самите си ја презеле и која треба да си ја исполнат.

Не се гради ниту на главниот плоштад
Ништо не се поместува ни кога се работи за завршувањето на објектите Градска куќа и на хотелот кои почнаа да се градат непосредно на главниот градски плоштад. Двата објекта до форма на карабина треба да ги заврши фирмата „Сис инвест“ на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко кој веќе неколку години работи и живее во Скопје. Договорот за отуѓување предвидува објектите да мора да бидат завршени до 2022-ра година што значи дека рокот за градба се уште трае…