Со три бронзи ја внесовме Македонија во олимписките врвови на природните науки

Лани како држава за првпат учествувавме на престижната светска Олимпијада по природни науки во Холандија на која талентираната Мила ИВАНОВСКА од Битола ја освои првата бронза за нашата земја. Пред десетина дена отидовме уште подалеку: на годинешнава ваква Олимпијада што се одржа во афричката држава Боцвана освоивме дури три бронзени одличја. Мила, ученичка во втора година во битолската гимназија „Ј.Б. Тито“ го повтори ланскиот успех, а медали сега добија и Дарко СТОЈЧЕВ, ученик во прва година во кавадаречката гимназија „Добри Даскалов“ и Димитар ЏОРЛЕВ од прва година од струмичката гимназија „Јане Сандански“. Забележително беше и учеството на останатите тројца натпреварувачи Дамјан Јанчевски, Мајкл Георгиевски и Бисера Јаневска.
Мила, Дарко и Димитар не кријат дека се многу задоволни од успехот постигнат во конкуренција на околу 300 ученици до 16 години од педесетина земји во светот. Сите тројца сметаат дека многу им помогнале интензивните подготовки по предметите физика, хемија и биологија што ги имале со своите ментори и други професори кои ги подготвувале.
– За разлика од Холандија сега беше потешко да се дојде до медал. Лани требаше над 65 поени за сребро, а сега над 80. Јас освоив 76,69 поени, значи помалку од четири поени ме делеа од сребро. Признавам, направив некои непотребни грешки во калкулации кои не беа комплицирани. Потоа немав време да го проверам резултатот и добив поени доволни за бронза. Среќна сум што освоивме повеќе медали, тоа значи дека сме рамо до рамо со земјите чии ученици се во врвот на природните науки, ни раскажува Мила чија голема љубов е физика, а се повеќе и биологија.
Како најсилна конкуренција се покажале јаките тимови од Кина, Кореа, Виетнам, Индија, Тајланд, Тајван, како и доста европски држави како Русија, Германија, Холандија, а силни биле и Србите и Хрватите. Натпреварите се одржале 3 дена од кои првите два дена се тестирале теоретските знаења и задачи, а третиот ден имало експерименти. Тестовите кои ги решавале биле по околу дваесетина страни, а експериментот бил поставен на триесетина страни, а за решавање имало само 3 часа.
– Јас најдобро се истакнав во делот од физика, а добро поминав и во хемија и во биологија. Интересно беше колку брезо минува времето додека го решаваш тестот, и додека да трепнеш поминале трите часа, а ти би посакал уште толку, вели Дарко Стојчев на кој, исто така, му фалеа четири бода да освои сребро и кој се уште не е определен на кои од трите предмети ќе се определи во иднината.
Димитар Џорлев ни рече дека задачите кои ги решавале биле на повисоко ниво отколку што учат во училиштата, но и дека биле добро подготвени.
– Апаратурата со која работевме експерименти од физика, хемија и биологија беше донекаде нова за нас, некои инструменти за првпат ги видовме. Сепак, успеавме да се снајдеме и во такви околности. Јас сум многу задоволен од фактот дека се најдовме во друштвото на најдобрите, ни рече тој.

Едвај се собрале пари за да отпатуваат
Учеството на нашите олимпијци до последен момент бил под прашање бидејќи настанал проблем со обезбедувањето на потребните средства. Но, прво нашата сонародничка Анита Кузмановска-Фелдман од САД на социјалните мрежи отвори фонд за донација во кој пари издвоија 120 донатори од цел свет. Помош потоа дадоа и дел од државните институции и општини по што тимот отпатува. Но, за жал, приказната со тешкотии со обезбедувањето на средствата за учество на престижни натпревари, остана.