Треба повеќе да се урбанизира периферијата за да се растовари центарот

Напознатата македонска кошаркарка Стојна ВAНГЕЛОВСКА, по големите спортски успеси сега уживa во својот град Скопје кој го сака безгранично. Но, би сакала тој да биде што подобро место за своите граѓани…

Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
– Доволно е да прошеташ по Ново Маало и Маџир Маало. Како да се изрази љубовта за градот на солидарноста, Старата чаршија со сите дуќанчиња и занаети, Градскиот парк, Камениот мост, црквата Св. Спас, Куршумли Ан… Го сакам Скопје, зашто е жив, динамичен, дише од секоја пора. Секое ќоше, секој агол си крие некоја мистика. Секоја клупа има приказна, секоја улица има авантура. Космополитски град кој на секој добронамерник ширум ги отвора портите.

Кое Скопје го сакате повеќе: oва сега или тоа од порано?
– Скопје, си има своја матрица на функционирање што го прави посебен во секоја смисла на зборот. Духот на град-борец. На преживувач. Бил безброј пати долу, но не ја предава борбата. Пред и по земјотресот Скопје живее во различни светови. Идентитетот на Скопје тогаш е еден, денес е нешто друго. Во минатото имало повеќе зелени површини, а денеска имаме многу бетонски конструкции кои во голема мерка му го одземаат воздухот на градот. Во денешно време е некако пренагласена узурпацијата на секој простор во згради за домување на сметка на отстранување на поголемиот дел на зелени површини и со самиот тој податок загаденоста на воздухот е голема…

Што му дадовте Вие на Скопје?
– Со сите мои успеси на спортски план и како играч и подоцна како тренер, давам свој допринос во афирмација на мојот град Скопје и мојата држава Македонија. Скопје и Македонија се спомнуваат во позитивна и убава конотација секаде онаму каде што сум настапувала и каде што сум освојувала медалји и признанија од највисок ранг.

Со што најмногу се гордеете во градов?
– За мене Скопје е олицетворение на новиот светски изглед. Сите можни вери, националности и дијалекти. Мултикултурен град, мозаик од различни светови и концепти кои се надополнуваат и евалуираат и го збогатуваат културниот концепт на градот.

Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
– Скопје не е преголемо ниту е премало, Скопје нормално природно да се развива како и сите европски и светски метрополи. Луѓето имаат право да мигрираат во поголемите градови и нивно право е да одлучат каде ќе живеат и работат. Проблемот е повеќе во непланската организација со места за домување во урбаните делови, а запоставување на периферијата на Скопје. Треба повеќе да се урбанизира и периферијата каде ќе се создаде малку поголемо растеретување на најексплоатираниот дел на сметка на неурбанизираните зони.

Во какво Скопје сакате да живеете?
– Сакам да живеам во солидарно и хумано Скопје, модерна метропола која и натаму ќе се развива и во која ќе се почитуваат прописи и културата на однесување. Скопје конгломерат од различни светови, мозаик од различни концепти кои се надополнуваат еден со друг. Да не постои паралелен начин на живеење, туку да се оди во насока на градење соживот со различниот од. Модерното време го бара тоа од нас, а ние треба со широко отворено срце и со висока свест да ги надминеме постоечките стереотипи кои ги имаме еден за друг, и здружено да се потрудиме да си го олесниме нашиот начин на функционирање во градот.

Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
– Повеќе паркови, игралишта, зелени површини, повеќе велосипедски патеки. Се во прилог на заштита на животната средина. Похумана и поеколошки зачувана средина. Културно издигнување на секој еден од нас. Секое поединечно делување, може да прати одлична порака за убав културен модел на живеење во нашиот град. Почисто и посредено Скопје. Недостасува чист воздух со години. Мора да се изнајдат мерки кои ќе дадат решение на овој горчлив проблем. Би ја одземала некултурата и лошите навики.