Улицата на Кејот зад ГТЦ чека да им се врати на пешаците

Автомобили што врват, искршени и изместени плочки, барички со вода и кал околу нив, искривени канделабри, чешми што постојано течат, лоша миризба од преполнети контејнери, паркирани возила … сето ова е денешната слика на некогаш најубавиот дел на градот – Кејот зад ГТЦ. Причината е позната: одлуката на тогашните градски и општински власти на Центар некогашната пешачка оаза во која уживаа скопјани да стане улица која ќе ја користат доставните и возилата на фирмите кои имаат седиште во центарот на градот. Пред десетина години тогашниот ДУП предвидуваше таму да се направи подземна сообраќајница, а општина Центар се откажаа од тоа и дозволи патеката да стане улица. „Правењето“ се сведе само на поставување рампа на влезот и ништо друго. Фирмата која беше ослободена од скапите трошоци за иградба на подземна сообраќајница за возврат ништо не инвестира: не направи нова подлога, не ги заштити пешаците од прашината, не спречи паркирањето на возилата… Сега, по неколку години тој простор веќе не е ниту шеталиште ниту улица туку некаква комбинација која го нагрдува некогаш најдрагоцениот простор на градот.

Зачудува само како новите скопски и општински власти во Центар се уште толерираат вакво узурпирање на улицата и ушто повеќе како не прават ништо таа повторно да им се врати на пешаците. А тоа и им го ветија на граѓаните. Скопскиот градоначалник во својата изборна програма наведе дека овој дел од кејот е претворен во сообраќаен хаос каде што возилата се движат врз руиниран плочник и постојано им пречат на граѓаните. Беше ветено и дека ќе стави крај на злоупотребата на кејот и ред во користењето на просторот. Односно дека заедно со општина Центар ќе го направатслободен, широк и сечиј. Но, од тоа ветување засега ништо не се прави иако урбанистички решенија лесно може да се најдат. До кога вака?