Деца починуваат, но тоа не ги буди надлежните и граѓаните за да го вклучат алармот

Нема акција од надлежните, нема ни од граѓаните кои некогаш гласно и бројно протестираа кога ќе му згаснеше животот на дете пред очите на државата. Никого не натера да помрдне со прст тоа што викендов се случија два смртни случаи од морбили за само два дена. Второто е 13 месечно бебе што се заразило од татко му и починало на Детската клиника во Скопје.
Додека властите само констатираат дека вакцинацијата е единствената заштита, апелирајќи оти колективниот имунитет е решение против вакви случаи, на терен тотално ги збунија граѓаните. Кренаа раце од вакцини дури и оние кои се размислуваа дали да го прекршат родителскиот завет и да дозволат вакцинација, оти скандалот со инјекциите со поминат рок – наместо разрешница доби „прекривка“ од која одвај се гледа вистината. Во меѓувреме, министерот Венко Филипче, во ек на скандал и епидемија од морбили, ја однесе на вакцина својата внука пред камери, а после некоe време напиша дека таа всушност примила друга вакцина, не за морбили.
Но, не е само власта фактор. Каде се луѓето кои гласно и во огромен број викаа кога почина малата Тамара, на пример? Каде се граѓаните да ги блокираат клиничките центри оти не добиваат здравствени услуги, па ни основни какви што заслужуваат?
И додека сликата е ваква, апатично-замолчена, во полн ек живее администрацијата поставена роднинско-пријателски.
Уште што треба да се случи за да заврши апатијата и да се разбудат надлежните, но и тие што го „палат“ алармот: граѓаните?