Уживам во фудбалот, имам понуди од познати клубови од Англија, Шпанија…

Кога се на четиригодишна возраст, децата веќе почнуваат да ги покажуваат афинитетите. Тоа се гледа по радоста, уживањето во тоа што го прават. Во случајот на 11-годишниот Александар Грашески тоа била топката. Се разбира, прво оние детски, пластични, а набрзо потоа, и она вистинска – фудбалска. Всушност, се одело многу брзо. Веќе на пет и пол години тој почнал активно да тренира фудбал оти тоа и го посакал, а и фудбалските познавачи кои дотогаш го виделе како игра веднаш тоа и го предложиле. Првите тренизи и лекции ги добивал во клубот „Спорт ефе“ во кој останал околу три години. Потоа следел „трансферот“ во многу поголем клуб, славниот „Вардар“.
– Сигурно дека малку ми беше страв дали ќе се докажам оти најголемата конкуренција постои токму во овој клуб. Но, мојата љубов кон фудбалот е над се и решен сум да направам се што е потребно за да се докажам. Тука сум веќе три сезони и задоволен сум како ми оди, ни вели овој талент и петтоделенец во ОУ „Лазо Ангеловски“ во Аеродром.
Александар е стандарден првотимец во екипата составена од генерацијата на дечиња родени во 2007 година иако тој е роден една година подоцна. Тоа воопшто не му било хендикеп само за една сезона да биде прогласен за најдобар играч во лигата, а во другата за најдобар голгетер. Четириесетина голови што ги постигнува во сезоната се доволен доказ за тоа какви способности тој има како играч. Сигурно и ова било една од главните причини што оваа екипа на „Вардар“ во последните три сезони е најдобра во лигата.
– Играм како везен играч и на дресот го носам бројот „10“. Тој ми го определија во клубот и јас сум среќен заради тоа бидејќи тоа е истиот број кој го носи мојот фудбалски идол Лионел Меси, од кого многу учам, а, како и тој, и јас уживам кога ќе дадам некој гол, ни открива тој.
Вели дека сака целосно да му се посвети на фудбалот бидејќи љубовта кон овој спорт е преголема. Ни открива дека веќе почнал и да добива понуди од странски клубови.
– Има неколку понуди од познати клубови од Англија, Шпанија и од наши соседни земји. Ме забележале нивните скаути кои одат по нашите терени. Тоа не се понуди за склучување на договори туку за да дојдам и да станам дел од нивни фудбалски академии на кои се тренира фудбалот. Јас и моите родители сме на големо искушение и се уште не сме донеле конечна одлука. Тоа би била голема промена за мене бидејќи таму би требало и да го продолжам образованието, но ако сакам навистина да станам фудбалер тоа е добра прилика, наведува Александар.
Дотогаш, тој вредно тренира четири пати неделно и истовремено ги исполнува сите школски обврски, а што воопшто не е лесно бидејќи бара големи откажувања. Сепак, кога ќе истрача на терен и кога ќе почне да прави дриблинзи и да дава голови се се заборава…

Мислев дека желбата ќе му се намали

Таткото на Александар, Иван Грашески кој исто така учествуваше во целата конверзација со младиот тален, ни вели дека и тој не очекувал дека фудбалскиот пат на неговиот син ќе оди така.
– Мислев дека ќе оди вообичаено, дека тоа му е детска желба која ќе се намалува со текот на годините. Но, не испадна така. Кај него желбата и љубовта кон фудбалот не попуштаат туку стануваат се посилни. Неговиот талент за нас е Божји благослов, ние сме горди со него и се надеваме во иднина дека ќе прерасне во голем спортист, ни рече тој.