Вечно ли ќе останат куќата и столбовите среде „Водњанска“?

Куќа која влегува во улица не е вообичаена слика за модерен град. Е, ама Скопје има таков пример и тоа на познатата и голема улица „Водњанска“. Кога некој граѓанин ќе застане да купи нешто преку прозорчето на продавничката која што е свртена кон улицата, другите минувачи мора да го заобиколат и да се движат по коловозот. А таму пак каде треба автомобили да се движат има столпчиња веќе речиси две и пол децении. Значи сите се во опасност, и пешаците и автомобилите. Преголеми опасности за мошне фреквентен булевар кој е главна сообраќајна врска за одење кон и враќање од Клиничкиот центар, но и кон населбата Водно.
– Најопасно е кога се шпицевите и кога на левата лента одат големите автобуси, а на десната е некое поголемо возило. Тогаш редовно доаѓа до чешање на возилата. Тесен е коловозот и кога возачите не внимаваат доволно се оштетуваат колите. Пешаците колку-толку внимаваат кога излегуваат на коловозот но сепак опасноста си е постојана, ни рече продавачот кој работи токму во таа куќа.
Околните жители наведуваат дека сообраќајки често доживуваат и возачи кои се странски државјани и кои не се навикнати среде булевар да се постават столпчиња со кои тој се стеснува.
Така е веќе две и пол децении откако се создаде проблемот со куќата кога улицата „Водњанска“ се реконструира и стана булевар. Коловозот дојде до самата куќа која заради тоа требаше да се урне за да се направи ивичникот, тротоар за пешаци. Во вакви ситуации е предвидено градските власти да се договорат со сопственикот на куќата заради потребата тој да биде обештетен или да добие друга локација и објект како компензација. Тоа и почна да се прави, но од тогаш па до сега договорот не е постигнат. Проблемот е најверојатно во тоа што градските власти нудат едно, а сопственикот бара нешто друго.
– Најопасно е кога се гужвите, кога има и пешаци и коли. Знам за проблемот и се знам со сопственикот на куќата. Ми рече дека се што спечалил во странство го вложил во куќата и дека градските власти му нудат премалку како компензација. Додека не се договорат ние граѓани ќе си имаме проблем кога се движиме тука, ни рече Живко Јанкуловски кој живее во близина на оваа сообраќајница.
Во 2016 година на повидок било решавање на спорот со куќата, но тоа сепак не се случило. Како пречка се појавил проблем во Управата за имотно-правни работи на општина Центар врзано за барањето на приватизација на оваа земјиште. Оттогаш до сега, очигледно е, проблемот продолжува.

Нови кираџии во куќата
Знак дека се уште нема решение за оваа куќа е фактот што во неа постојано се менуваат кираџии кои го користат деловниот простор. Така, на помал или пократок период во неколкуте деловни простории работат најразлични фирми со различни дејности.