Властите можеби мислат дека сите сме здрави, па не ни прават поликлиника во К. Вода

Може ли за нешто повеќе од две години да се изгради комплетно нова и функционална поликлиника во која граѓаните од скопската општина Кисела Вода веднаш ќе можат да добиваат медицинска помош? Ова не е невозможен зафат доколку уште оваа пролет се почне со градба на не малиот објект кој ќе треба и да се опремува со специфична опрема. Но, такво нешто се уште не е ниту на повидок во оваа општина, на која тешко и оди и наоѓањето конкретно решение за префрлување на Центарот за зависници од нејзина територија.
Ветувањето на новиот градоначалник Филип Темелковски беше дека поликлиниката ќе се гради во населбата Расадник која веќе е пренатрупана со станбени згради. Таму со години не може да се изгради ниту паркче кое што го бараат жителите за да им го разбие бетонското сивило. Инаку, за поликлиниката се уште нема најави ниту од општината, ниту од здравствените власти кои за да имаме престава колку се брзи ќе споменеме дека со месеци бараа локација на која треба да се гради нов Клинички центар во околината на Скопје.
– Судејќи според тоа како што се одвиваат работите јас сум убеден дека поликлиниката нема наскоро да се направи. Веќе требаше да биде почнато. Граѓаните многу се мачат одејќи во „најблиските“ поликлиники во Јане Сандански и во Драчево. Се случува упатот да не им е добро пополнет и тогаш мора да се враќаат кај матичниот лекар за да им издадат нов. Можете да замислите кое малтретирање е тоа, ни вели Александар Анчевски, жител на оваа општина.
Тој додава дека е апсурд и тоа што на толку големо подрачје никаде нема ниту рентген за снимање на најразлични потреби на пациенти. Непостоењето на поликлиниката посебни проблеми им создава на постарите граѓани. Тие мора да одат со автобуси до Драчево или до Аеродром и што е голем напор за нив.
– Кога ќе отидам во Драчево таму е гужва. Доаѓаат и жителите од Студеничани, Зелениково, од околните места бидејќи оваа поликлиника е направена за тој регион. Излегува дека само Кисела Вода во која што живеат повеќе од 60.000 граѓани е заборавена да има ваков здравствен објект, ни вели Стамен Р., пензионер од населбата „11 Октомври“.
Проблемот се зголемува и со фактот што населението во оваа општина, гледано во просек, станува се постаро, што автоматски значи и поподложно на болести.
– На моменти си помислувам дека градоначалникот Темелковски и министерот Филипче мислат дека во К. Вода живеат само здрави луѓе на кои не им треба поликлиника, пиша до редакцијата Јован Е.

Дали ќе се бара друг објект за адаптација?
Во ситуација кога градбата на сосема нов објект ќе земе многу време дилема што се отвора е дали во комбинација може да дојде и преадаптација на некој друг објект. Како таква варијанта се спомнуваше поранешното старо кино, а сега Културен дом. Но, за тоа надлежните се уште не се изјаснуваат.