Во најбрзо време би ја продолжил жичарницата до подножјето на Водно

Горан Ѓуровски – Ѓуро кој е дел од екипата на популарната серија „Зевзекманија“ го прашавме кои три работи би ги направил веднаш, ако тој е градоначалник на Скопје.

1. Уште помалку автомобили на Водно
Неколкугодишното постоење на жичарницата од Средно Водно па до врвот на ова омилено излетиште на скопјани се оправда како проект. Но, потребно е таа да се продолжи до подножјето на планината, како и што е замислено. Јас тоа веднаш би ги направил, а со тоа, сигурен сум, би се намалила и потребата граѓаните да ги користат автомобилите кога одат на Водно. Колите би ги оставале во подножјето, а потоа би избирале дали да се качат до средина или до врвот на Водно.

2. Подземни премини на булеварите
Булеварот „Партизански одреди“ и поранешната улица „Мито Хаџивасилев – Јасмин“, сегашна „Свети Кирил и Методиј“ се едни од поопасните сообраќајници во градот. Секојдневно по нив циркулираат многу автомобили и пешаци. Пешачките премини не се сигурни и безбедни што потврдува и бројот на сообраќајките. За да се зголеми безбедноста на нив би направил подземни и надземни пешачки премини.

3. Побрзо завршување на Луна паркот
Веќе неколку генерации на децата растат без да уживаат во Луна паркот кој досега беше едно од поомилените места за прошетки. Време е тој конечно да се заврши и веќе да не стои така запуштен како последица на нечие инаетење или незнаење. Децата заслужуваат да го добијат назад.