Во Скопје има само едно дрво на десет жители, а упорно се сади бетон и асфалт

Скопје ќе било зелена метропола. Тоа ни го најави градоначалникот Петре Шилегов. Но, неодамнешниот попис што го направија градските власти кој покажа дека во градот има 65.844 дрвја и 28.395 грмушки како градско зеленило, не ги израдува многу скопјани. Напротив. Фактот дека на секои десет граѓани има по едно дрво, а на секои триесет по една грмушка го потврди оценката дека во градот нема доволно зеленило, а многу е далеку од тоа да биде зелена метропола. Всушност, зеленилото го има се помалку како резултат на градење згради и деловни простории на секој чекор, претворање на секоја слободна површина во градежни парцели… Доволно е да се види што се направи во општина Центар, а сега истото почна да се случува и во други општини – Карпош, Аеродром, Кисела Вода… Повремените акции на кои ги гледаме градоначалниците како се сликаат кога се садат по десетина садници не можат да ја сменат состојбата. Скопјани не се сеќаваат кога е направен нов парк, шума…
– Апсолутно не сум задоволна од тоа што го имаме како зеленило во градот. Дрвниот фонд во Скопје ниту квантитативно, ниту квалитативно одговара на густината на жители и градби во Скопје. Уништувањето на старите дрвореди кои ги имаше по повеќе улици не може ништо да го надомести. Плоштадот остана без едно дрво, маалските паркови со стари и високи дрвја со широки крошни се повеќе се уништуваат. Типичен пример е Карпош, населбата Тафталиџе стана Елдорадо за градежната мафија која не гради според потребите на постојните жители туку заради профити. Го деградираа секое коше кое имаше огромно еколошко значење на микро план, револтирано ни кажува скопјанката Лидија Темелковска.
Ова скопјанка не е осамена во мислењето. поради она што се случува со зеленилото во градот скопјани со потсмев ја примија веста дека градот се кандидирал за европска зелена престолнина за 2021 година. Оти она што сега се има како зеленило е далеку под европските просеци, а потребно е да биде значително над нив. Податокот на ЈП „Паркови и зеленило“ покажува дека градското зеленило го има на 4. 511.915 метри квадратни, односно, околу седум метри по глава на жител на 660.000 скопјани. Ако се знае дека европските просеци за главните градови се 16-20 метри квадратни тогаш тоа кажува доволно. А просекот од седум метри Скопје го вади најмногу благодарение на Градскиот парк, парк-шумата во Гази Баба и булеварското зеленило кое го има на 1,3 милион метри квадратни… Проблем е што зеленилото го нема таму каде што живеат луѓето, по населбите, меѓу зградите.
– Во Аеродром на секоја зелена површина изникна нова станбена зграда. Блокови на бетонски згради се на секоја страна и кога тие ќе се вжештат во летниот период дополнително ја зголемуваат температурата на воздухот дополнително. А зиме имаме магла… резигнирано ни вели Грозданка Наумовска.
До кое долно ниво се дошло се гледа и по општинските просеци: во Шуто Оризари има само 0,05 метри квадратни зеленило по жител, во Бутел 2,07, Ѓорче Петров 2,1, Гази Баба 2,6, Кисела Вода 3,4…
– Погледнете го центарот на Скопје денес, погледнете го Водно, и конечно погледнете ги маалата. Единстено што може да констатирате е дека сме бетонирани, асфалтирани и „плочказирани“ до неподносливост! И она што што толку често се сади во последно време, освен што е со помал раст, односно со помалку зеленило, многу често набрзо изумира, или е во лоша здравствена состојба, потенцира Кирил Сотировски, декан на Шумарскиот факултет во Скопје.
Во таква ситуација прашањето е што треба да се прави за да градот добие што повеќе зеленило и што што, на пример, наместо едно би имале по три дрва на десет жители? Големите изборни ветувања за зеленилото се уште чекаат. Чека, на пример, градбата на големиот парк на кејот на Вардар во Карпош 4, чекаат зелени фасади по зградите, зеленилото по нивните покриви, нов закон и граници за заштита на Водно, проекти за надоместување на зеленилото заради изградба на зградите, дрво за секое бебе. Се прават само повремени акции и обнова на некои запустени површини.
– Со сите сили строго треба да бараме стопирање на изградба на згради на секој празен простор. На тие места треба да се прават паркови со повозрасни дрва, а не со темјанушки и украсни дрва. За жал, интересите на градежната мафија која ја има моќта на профитот и корупцијата секогаш се над креирањето на изгледот на градот и општините, смета Лидија Темелковска.
И Грозданка Наумовска смета дека мора да прекинат измените на урбанистичките планови во корист на бизнисмените.
– На секоја слободна површина треба да се засадат дрвја, не само трева, зошто дрвјата се белите дробови на градот кои му даваат кислород, потенцира таа.
Локациите во Ново Лисиче, Расадник, вливот на Лепенец во Вардар, течението на Вардар во Хром, просторот меѓу градските гробишта во Бутел и населбата, зад средното училиште „Димитар Влахов“, околу касарната „Илинден“… само се некои кои донекаде, сепак, би можеле да се искористат за ново градско зеленило.
Сотировски, сепак не гледа многу нови површини и предлага и порадикална мерка.
– Тотален мораториум на градење не само во центарот на градот би ја ублажил состојбата. Мал потенцијал гледам во отстранување на одредени бетонизирани или асфалтирани површини по тротоарите, скверовите, плоштадите. Не е добро сето зеленило во градот, особено во центарот, да се сведува на индивидуални дрвја опколени со плочки или со друг цврст материјал. Тие лесно угинуваат, а такви примери има на стотици во Скопје, потенцира Сотировски.
Останува на Шилегов да види дали Скопје ќе биде зелена или бетонска престолнина на Европа.

Не може заботехничари и психолози да се грижат за зеленилото
Се прават грешки и со изборот на садници кои се засадуваат, со техниките на засадување, со негата и одржувањето на вегетацијата. Техничкиот, па ни стратешкиот дел на таа работа не може да го водат ниту осмислуваат други професии освен оние кои потекнуваат од една од трите насоки на Шумарскиот факултет во Скопје. За жал, имам информации за парадоксални примери, во блиското минато и во моментов, кога психолози, или забни техничари се одговорни за зеленилото, и водат и надгледуваат екипи од градот или општините кои работат со зеленило, вели деканот на Шумарскиот факултет во Скопје.

Водно мора да се пошумува
– Не гледам дека некој мисли и на посериозно пошумување на Водно. На планината само се сече и гради, а не се садат нови дрвја. Водно мора да добие илјадници нови садници инаку нема да биде повеќе „бели дробови на градот“. Уште оваа пролет мора да се почне со пошумувањето, вели аеродромецот Маријан Давидов.