За 100 дена две мерни станици не можат да сервисираат?

Какви се тие „технички проблеми“ или „сервисирање“ заради кои две станици за мерење на загадениот воздух во Скопје со недели и месеци не работат? За какви дефекти се работи и кои се тие сервисери кои толку долго време не можат да ги поправат? Одговори на овие прашања државното Министерство за животна средина е должно да ги даде на граѓаните на Скопје, бидејќи ситуацијата со нивното нефункционирање веќе ги преминува границите на институционална пристојност. Оти ако мерната станица во Гази Баба не работи уште од август годинава, откако се случи големото загадување од кругот на поранешната фабрика „Рудници и железарница“ за кој не се утврди виновникот, ако станицата во Лисиче не работи цел месец, тогаш како е можно за толку време да не бидат поправени? Во исто време, пак, во градот се случува значително загадување на воздухот за кое граѓаните сега добиваат податоци само од четири од вкупно шест мерни места за утврдување на нивото на штетните ПМ 10 честички во воздухот. Од станиците кои се лоцирани во традиционално најзагадените населби такви податоци нема долго време, а што веќе ги тера граѓаните да се посомневаат дека некој намерно не дозволува тие да бидат во нормална функција.

Но, затоа откако неодамна во јавноста излегоа информации за енормна загаденост на воздухот во Ѓорче Петров, 1.999 ПМ, локалните власти и Министерството за животна средина скокнаа да објаснат дека таму нема поставено официјална мерна станица. Мерењата во неколку општини ги врши и волонтерска мрежа, па вредностите на квалитетот на воздухот што тие ги прикажуваат не биле официјални, како оние што ги мери и презентира министерството. Ваквата реакција на заменикот министер Јани Макрадули, ги збуни скопјани оти не им е јасно кој, како и што мери, а и не знаат кому да веруваат. Ако деманатот за високата загаденост во Ѓорче Петров беше експресен, зошто тогаш исто толку експресно не се вратат назад расипаните мерни станици. Во меѓувреме, Скопје продолжува да го држи „високото“ 10-то или 6-то место по загаденост во светот, во зависност од денот: некогаш избиваме до шестата позиција, а после малку ветар и сонце- стигнуваме до десетата.
До кога вакa?