По 4 дена нова жртва на куче скитник

Нова жртва на куче скитник за само 4 дена во Скопје. Во вторникот вечерта во полициската станица Аеродром, Р.Ж.(61) од Скопје пријавила дека „претходниот ден околу 20.30 часот на булевар „Јане Сандански“ била касната од куче скитник во пределот на десната нога“. Станува збор за фрекфентното шеталиште во оваа скопска општина каде што не би требало да се очекува дека кучиња би можеле да нападнат. Но се случи.
Студеното време и неможноста да се згреат било каде, ги прави уште поагресивни. Викендов исто така жртва беше жена, додека се шетала со својот миленик на Кејот на Вардар. Одеднаш кучето скитник излегло и ги нападнало. Триесетгодишната скопјанка веднаш пријавила во полиција, а во записникот стои дека таа била касната во пределот на левата нога.
Агресијата кај некои од кучињата скитници се зголемува во зима, оти се гладни и смрзнати. И оваа како и претходната година, властите останаа само со ветувања дека проблемот со големиот број вакви животни ќе се реши без конкретни чекори и демонстрација дека нешто се презема.
На граѓаните им останува и оваа зима да се молат да не бидат нападнати, односно да не шетаат во деликатни периоди од денот на Кеј, или пак, на други улици каде вообичаено можат да бидат пресретнати од кучиња скитници. Но дали веќе постои вообичаено место каде не треба да се движиме за да не бидеме жртви? Не. Секаде ги има.
Уште еднаш јавно ги прашуваме надлежнинте: кога и како точно имаат намера да ја затвораат или барем ублажат оваа проблематика, што далеку полесно може да се реши, за разлика од загадениот воздух на пример?